Skip to main content

Алиу: Некогашниот пливачки базен во Струга претставува опасност за учениците

Повеќе од една деценија, некогашниот затворен пливачки базен во Струга зјае како руина. Објектот е оставен на забот на времето да пропаѓа, иако своевремено беше еден од најрепрезентативните спортски објекти во земјава. Директорот на ОУ „Браќа Миладиновци“ кое се наоѓа веднаш до базенот бара од надлежните на локално или централно ниво да преземат мерки објектот да биде затворен за да не претставува собиралиште на зависници од дрога.

 |  Николоска Биљана  | 

Остатоците на некогашниот затворен пливачки базен во ОУ „Браќа Миладиновци“ во Струга останува нерешен проблем, за градот но и државата. Сликата на овој своевремено репрезентативен објект каде се калеа многу пливачки имиња не само од Струга и Охрид туку и пошироко во моментов е најгрдата слика во туристичка Струга, место на наркозависници и депонија. Но најновo директорот на училиштето Шкелким Алиу предупредува дека овој објект е опасност за учениците.

Веќе 4 години се обраќаме до Локалната и Централната Власт со цел да се најде решение за базенот, кој е ризичен и може да се случи нешто несакано на учениците но и граѓаните. Досега нема никакво решение.  Баравме од Локалната власт или од Советот на општина Струга да се донесе одлука да се затвори базенот херметички за да се спасиме од проблемите со кои се соочуваат учениците со наркозависниците“.

Не држат оправдувањата на надлежните дека обновувањето на базенот е скапа инвестиција, вели Аце Ѓуроски, пливачки тренер.

Сите ја префрлаат топката дека е нешто неизводливо, скапо, да се изгради базенот. Но мора да им овозможимне на децата кои пливаат и на зима да пливаат за имаме повторно врвни резултати“ – вели Ѓуроски.

Од струшкиот пливачки клуб сметаат дека потребни се средства во висина од 250 000 евра за реконструкција на базенот. Овој репрезентативен спортски објект изграден е во 1972 година, а во 2005 година престана со работа.