Skip to main content

Рестрикција на вода во Струга

Двата поголеми извори Шум и Горна Белица од кои стружани се снабдуваат со вода за пиење имаат двојно помала издашност на доток со вода. Вакавата состојба допринесе стружани повторно да се соочуваат со децениски нерешениот проблем со водоснабдувањето во градот.

 |  Николоска Биљана  | 

Стружани повторно се соочуваат со проблем околу водоснабдувањето во градот. Тие посочија дека речиси една недела или нема вода или притисокот е слаб. Жителите велат проблемот со водоснабдувањето трае со години и лето и зима како и тоа дека секојдневно бараат од струшката локална самоуправа да изнајде решение, но од таму добивале само празни ветувања.

Јонче Докоски, градежен инженер од МЈП „Проаква“ Р.Е. Водовод Струга, вели дека постои проблем, но тоа не е од човек фактор туку од временските услови. Тој кажа дека намалена била издашноста на изворите од кои градот се снабдува со вода. Според него дотокот на изворот во Шум бил драстично намален и неговата издашност била 140 литри во секунда што во овој период од годината би требало да е 260 литри во секунда. Додека пак состојбата со изворите во Горна Белица била уште поалармантна, од таму доаѓало наместо очекуваните 120 литри во секунда доаѓало само 50 литри вода.

Докоски кажа дека сношти имале и еден поголем дефект кој утрово го отстраниле. Додава дека во моментов ЈП прави рестрикција со водата, така што во 23 часот резервоарот во Заграчани, струшко го исклучуваат, односно го оставаат да се полни со вода и во 6 часот изутрина пумпните станици се пуштаат во мрежа со цел да се задоволат најнеопходните потреби на стружани околу водоснабдувањето. Докоски отворено кажа дека ваквата состојба ќе остане непроменета се додека не се подобрат хидро временските прилики.