Skip to main content

Стружани и гостите ќе ја дочекаат Нова година без организиран дочек на отворено


Стружани и гостите ќе ја дочекаат Нова година без организиран дочек на отворено. Градоначалникот вели тоа се должи на пролонгираните локални избори. Мерко најави празнична атмосфера со нови декорации кои ќе придонесат за позитивна атмосфера кај граѓаните.

 |  Валентина Неловска  | 

Стружани и туристите кои ќе престојуваат на ривиерата и оваа година ќе ја дочекаат новата година во сопствена организација. Најлудата ноќ во годината ќе ја дочекаат во домовите, во хотелите и рестораните. Градот нема да организира дочек на отворено. Струшкиот градоначалник Размиз Мерко вели дека тоа пред се се должи на пролонгираните локални избори.


„Нема време. Пред месец дена Советот ги изгласа одлуките за пречек на новата година и нема доволно време добро да се организира. Но битно е закитувањето на градот за да внесе позитивна атмосфера“, напоменува Мерко.

Градоначалникот ветува дека во овој период градските улици и центарот ќе блеснат со нови новогодишни декорации. Нема да да се потрошат милиони евра за осветлување, но нема да изостане празничното декорирање. Градот издвоил скромна сума за оваа намена со цел да се чувствува предновогодишниот амбиент.

 

 


„Се очекуваат гости кои ќе дојдат кои ќе ги има од околните земји, а и печалбарите кои доаѓаат за празниците. Скоро сите хотели и ресторани организираат дочек не само првата, туку и 2 и 3 вечер“, вели Мерко.

На струшката ривиера се очекуваат гости и за останатите празници како што се Божик и Стара Нова Година. Градот ќе биде празнично украсен се додека траат празниците.