Skip to main content

Нема интерес за регистрација во струшката комора на занаетчии

 Нема интерес за регистрација во струшката комора на занаетчии. Од почетокот на годинава досега   нема ниедна пријава за регистрирање на некој  занает. Од година в година се помал е бројот  на ново регистрираните, а  повеќето занаетчии работат на црно.

 |  Валентина Неловска  | 

Во струшката комора на занаетчии досега нема интерес за нови регистрации. Струшката чаршија која некогаш важела за една од најразвиените со многу разновидни занаетчиски дејности денес полека изумира. Денес, во чаршијата скоро и да нема занаетчиски дуќан. Мустафа Селами, занаетчија слаткар и доскорешен претседател на струшката занаетчиска комора, цели 5 децении бил занаетчија, а од пред еден месец е во пензија. Поранешниот слаткар добро ги познава состојбите во занаетчиството во струшката чаршија. Од почетокот на годинава досега нема ниедна пријава, а има 2 -ца одјавени занаетчии, кажува Мустафа Селами.

 „ Многу е слаб интересот. Како трговци имаат стока од каде ја набавуваат робата не знам, но како производители нема. Нема регистрирани стари занаети. Има еден кувенџија, 1-2 златари , но најмногу има козметичари, фризери, бербери, механичари, кројачи. Сами што може да работат како мајстори“, вели Селами.

 

Во регистерот на струшката занаетчиска комора нема ковачи, казнаџии, наланџии, сарачи, додека од постарите занаетчиски дејности има регистрирано само еден качар, напоменува Селами. Тој смета дека нема интерес од занаетчиите за регистрација во комората затоа што многу од нив работат на црно и се нелојална конкуренција на останатите занаетчии, нагласува Селами.

 

„ Во изминативе години имало по 10 регистрирани по една година се одјавувале и останаувале по 5 мина и така постојано. Годинава има 2 одјавени и ни еден пријавен, но може ќе има моменти да се пријават 5-6 занаетчии. Целта е органите кои треба да ги контролираат да прават контрола и секој ќе се регистрира. Сигурен сум кој се одјавил продолжил да работи , а тоа не добро “, напоменува Селами.

Само пред три децении , во 90те години од минатиот век во струшката чаршија имало 1800 регистрирани занаетчиски дејности. Денес бројката на струшки занаетчии од различни занаети е 142 , кажува Мустафа Селами слаткар , поранешен струшки занаетчија.