Skip to main content

Одделението за хирургија при струшката општа болница е ставено под клуч

Заразната болест морбили го стави под клуч хируршкото одделение на Општа Болница Струга. Одделението не може да функционира заради тоа што половина од вработените се заразени со морбили и се на боледување. Карантинот ќе трае до 28 мај.

 |  Валентина Неловска  | 

Одделението за хирургија при струшката општа болница е ставено под клуч. Причина за тоа е заразната болест морбили од која половина од вработените се заразени и се на боледување. Ова е предлог на Комисијата за хоспитални инфекции, хирургија да се стави под карантин, изјави раководителот на одделението д-р Владимир Кочоски.

„ На хируршкото одделение да не се примаат болни. Морбилите се заразна болест која доаѓа во бранови, инкубацијата трае 10 дена, едни се разболуваат, други доаѓаат на работа. Сега сме 50 проценти без персонал и не можеме да функционираме нормално како служба. Ова е одлука да се заштитат и вработените и пациентите кои не се инфективно заразени туку доаѓаат на лекување од други причини“, вели д-р Кочоски.

Болните стружани кои ќе имаат потреба од хируршко лекување ќе бидат препраќани во најблиските болнички центри, напоменува д-р Кочоски.

Комисијата за хоспитални инфекции предложила карантинот да трае до 28 мај.