Skip to main content

Отпочнаа градежните работи за уредување на рекреативната патека од Струга до Калишта

Атрактивната пешачка зона ќе води покрај езерскиот брег и ќе биде во должина од еден и пол километар. Изградбата на патеката чини 4 и пол милиони денари, а средствата се обезбедени од Швајцарската агенција за развој, струшката локална самоуправа и Министерството за локална самоуправа.

 |  Валентина Неловска  | 

Стружани ќе добијат нова рекреативна патека која ќе води се до селското училиште во Калишта. Патеката ќе се гради покрај езерскиот брег и е во должина од еден и пол километар и ширина од 2 до 2,2 метри, информира Мирјана Лозаноска директорот на Центарот за развој на Југозападниот плански регион.

„Во моментов се чисти теренот и операторот почна со работа. Ќе се постави тампон од 20 цм, бетонска подлога, мрежа и природен, автентичен камен, еколошки бидејќи се наоѓа во заштитеното подрачје“, кажува Лозаноска.

Градежните зафати на патеката ќе чинат 4 и пол милиони денари. Финансиските средствата се обезбедени од Швајцарската агенција за развој, дел од струшката локална самоуправа и Министерството за локална самоуправа. Во рамките на овој проект „Уредување на атрактивни зони и патеки во Југозападниот плански регион“,  во тек е изградбата на уште две патеки, една во Охрид и во општина Дебрца, додава Лозаноска.

„Во општина Дебрца ќе се гради третата патека од проектот во должина 150 метри покрај Слатинското езеро. Покрај патеката, амбиентот ќе се уредува со 3 летниковци, канти за отпадоци, клупи и маси.Просторот ќе се оплеменува и хортикултурно со цел да се привлекуваат туристи и во овој дел од регионот“, информира Лозаноска.

При крај се работите на патеката од Саат Кулата до Горна Порта  која треба да заврши во наредните 10 – тина дена. Долга е 419 метри и има канделабри и улично осветлување. Оваа патека ќе се спојува со патеката која е изградена минатата година за рекреација по Стариот дел од Охрид и Калето“, напоменува Лозаноска