Skip to main content

Ципрас ѝ сврте грб на ЕУ и најави референдум

Грчкиот премиер најави дека граѓаните ќе одлучуваат за пакетот реформи

 |  инфодеск  | 

Ципрас референдумот го најави на националната телевизија, потврдувајќи дека веќе го известил  претседателот Павлопулос и најголемата опозициска партија Нова Демократија. Премиерот одлуката за референдум ја објави откако грчката влада го отфрли предлогот на меѓународните кредитори да се продолжи рокот за 5 месеци за програмата на финансиска помош со која Атина треба да прими 15,5 милијарди долари.

За возврат кредиторите барале Грција да прифати да ги спроведе реформите на пензискиот и даночниот систем, а Ципрас кој победи на изборите токму со откажувањето од штедењето, тоа барање го нарекол уцена.

“Одговорни сме за иднината на земјата. Таа одговорност нѐ обврзува да одговориме на ултиматумот со суверена волја на грчкиот народ”, рекол во обраќањето Ципрас. “Партнерите нѝ дадоа ултиматум да прифатиме уште потешки мерки за штедење”, рекол тој додавајќи дека тие мерки додатно ќе го успорат грчкото стопанство. Тој најави дека парламентот ќе се состане во сабота за да го одобри референдумот и дека ќе ја почитува одлуката која ќе се донесе на референдумот.

Ципрас на маргините на европскиот самит, во петокот, во Брисел се сретна со германската канцеларка Ангела Меркел и со францускиот претседател Франсоа Оланд кои се обидоа да го уверат да ја прифати помошта. Напуштајќи го самитот, Ципрас рекол дека Грција ќе се бори за европски начела на демократија, солидарност, еднаквост и взаемно почитување.