Skip to main content

Агенциите додатно го намалија кредитниот рејтинг на Грција

Кредиторите децидни – реформи па олеснување на исплатата на долгот

 |  инфодеск  | 

Директорката на Меѓународниот монетарен фонд, Кристин Лагард, рекла дека го држи ставот, Грција прво да го реформира стопанството, а потоа европските кредитори да го олеснуваат отплаќањето на долгот.

“Со оглед на сегашната ситуација, мислам дека подобро би било прво да се види совесно вртење кон реформи, а потоа да уследи она другото”, рекла Лагард во интервју за Reuters на прашањето што треба прво да се направи, превземање реформи од страна на Атина или помош од владите во еврозоната.

Бидејќи Грција се најде во ситуација да не може да го отплаќа долгот кон ММФ, агенциите Fitch и S&P го намалија кредитниот рејтинг, а тоа го направи и Moody’s. Рејтингот е намален од Caa2 на Caa3, а агенцијата Moody’s објави дека рејтингот е намален во однос на априлската проценка бидејќи падна и веројатноста Грција да добие поддршка од своите кредитори.

“Без поддршка на кредиторите, стопански и фискални реформи нужни за таа поддршка и за доведување на сопствените финансии на одржливо ниво, Грција во еден момент ќе прекине и со отплата и на приватните обврски”, се вели во соопштението.

Грција во недела ја очекува референдум за мерките за штедење кои се услов за продолжување на меѓународната помош. Премиерот Ципрас ги повика граѓаните да гласаат против предлогот на меѓународната заедница, а Moody’s најави и можност на понатамошно опаѓање на рејтингот кој најверојатно ќе се случи доколку има негативен исход на референдумот.