Skip to main content

Група на банки во Швајцарија под истрага за местење на цените на берзите

Регулаторите располагаат со докази за пазарни измами

 |  инфодеск  | 

Швајцарските регулатори за заштита на пазарното натпреварување објавија дека покренале истрага против група на банки со сомнение дека договарале цени на племенитите метали.

Комисијата за пазарно натпреварување (COMCO) покрена истрага против две швајцарски банки UBS, и Julius Baer, но и против странските финансиски институции Deutsche Bank, HSBC, Barclays, Morgan&Stanley и Mitsui, се наведува во соопштението.

Регулаторите напоменуваат дека располагаат со докази дека банките можеби склучувале незаконски договори за поткопување на пазарното натпреварување во трговијата со племенити метали како што е златото, среброто и платината.

Во COMCO конкретно се сомневаат за можни договори околу цените, особено во врска со разликата на бараната и понудената цена. Останатите детали во соопштението не се наведени.

Некои од банките кои се под истрага оваа година мораа да платат големи парични казни откако ја признаа вината кога беа обвинети од американските власти дека ги договарале референтните каматни стапки за меѓубанкарските кредитирања на лондонскиот пазар.