Skip to main content

Брисел под закани и загрозена безбедност

Белгија го подигна степенот за тревога на највисоко ниво

 |  инфодеск  | 

Белгија денес го подигна степенот за тревога за подрачјето на главниот град Брисел на најголемо ниво, предупредувајќи ја јавноста да ги избегнува метежите и гужвите поради заканите од терористички напади, рекол официјален претставник на владата.

По состанокот на министерот за внатрешни работи, врвот на полицијата и безбедносните служби степенот за тревога во Брисел е подигнат на четвртото и највисоко ниво.

“На жителите им советуваме да ги избегнуваат местата каде се собираат многу луѓе како што се шопинг центрите, концертите или станиците за јавен превоз”, рекол портпаролот на владиниот кризен центар.

Нивото за тревога е подигнато на највисоко ниво по најновите безбедносни проценки, соопштила Организацијата за координација со анализи за закани при министерството за внатрешни работи на Белгија, додека во останатиот дел од земјата степенот за тревога останува на нивото три, додала Организацијата.

Мерката е превземена неколку часа по подигнување на обвинението против лицето кое беше уапсено во Белгија во врска со нападите кои беа изведени во Париз каде загинаа 130 лица. Тоа лице, чиј идентитет не е објавен, е трет по ред врз кого е подигнато обвинение за нападите во Париз.

Портпаролот на кризниот центар одбил да каже што предизвикало подигнување на степенот за тревога бидејќи истрагата продолжува. “Не можеме да даваме повеќе информации”, рекол тој.

Сите станици на подземната железница ќе останат затворени во Брисел, објавил Stib, компанијата за јавен превоз во Брисел, откако Белгија го подигна нивото за тревога на максимално ниво поради непосредни закани.

“На препорака на кризниот центар сите наши подземни станици на железницата денес ќе останат затворени. Се работи за безбедност”, објави Stib на својата интернет страница.

“Автобусите сообраќаат нормално, но некои трамваи се зафатени со мерките”, додал превозникот кој во консултации со компетентните власти и полицијата ќе одлучи кога и како ќе се отвораат станиците.

Белгија ноќта помеѓу петок и сабота го подигна нивото за тревога за градот Брисел на најголемо ниво, објави и кризниот центар OCAM споменувајќи непосредни закани.