Skip to main content

Сведочење за киднапирани авиони на ЈАТ кои некогаш биле тајна за јавноста

Постојат податоци дека во еден од киднапираните авиони бил и писателот Иво Андриќ

 |  инфодеск  | 

Жарко Лаушевиќ, Миша Јанкетиќ, Марко Николиќ, а спрема некои извори, неколку децении пред нив, дури и Иво Андриќ, биле жртви на киднапирања во воздух кои им се случиле на авионите на ЈАТ во средината на минатиот век.

Приказните за овие киднапирања за време на СФРЈ се чувани како тајна поради што за нив постојат малку податоци или едноставно за нив воопшто не се знае. Затоа, воздухопловниот инженер во пензија, Чедомир Круниќ, со години истражувал и сега за 24sata.rs открива дека точно се знае барем за осум вакви киднапирања.

Најпознато и најголемо, спрема неговите зборови, е киднапирањето на јатовиот боинг 727 во кој биле великаните на југословенското актерство Марко Николиќ, Жарко Лаушевиќ, Миша Јанкетиќ, комплетниот фудбалски тим на Будуќност и хероите од Втората светска војна Божо Лазаревиќ и Милан Шијан…

“По влегувањето на 97 патници на тогашниот аеродром во Титоград, на 26 септември 1981 година авионот беше киднапиран. За време на летот беа тројца вооружени киднапери кои имале соучесници меѓу патниците. По слетувањето во Атина, авионот се упатил кон Израел каде наишле на отпор. Промената на планот ги присилила да слетаат на Кипар каде еден од патниците предизвикал пожар во авионот и настанала општа паника, што ја искористиле патниците и екипажот да се ослободат. Херојот кој авионот го вратил безбедно авионот во Белград бил Љубомир Зекавина”, раскажува овој воздухопловен инженер. По 33 години од киднапирањето на авионот, еден од киднаперите, Боривоје Јелиќ, се сретнал со актерот Марко Николиќ и од него побарал простување, а сето тоа го забележала камерата на емисијата “Досие”.

Многу податоци се дотолку прикриени од очите на јавноста што обичните луѓе не можат да продрат подлабоко, а како што вели Круниќ, забележани се уште пет киднапирања.

“Авионот 553, кој летал на релација Љубљана-Белград, киднапиран е на 17 октомври 1951 година. По полетувањето е пренасочен кон Цирих, каде капетанот Милан Бјелановиќ побарал азил. Тој во летачката книга напишал “заминување во прогон”. Истиот ден капетанот Миливоје Арсенијевиќ  управувал со авион на релација Загреб-Белград, но и тој го пренасочил авионот кон Цирих од исти причини”, раскажува Круниќ.

Најмногу киднапирања и принудни слетувања биле кон Бари, Италија, а причина за тоа била близината.

“За време на пилотирањето на Здравко Пудар, кој летал на релација Сараево-Белград, еден од капетаните, кој бил на видна функција, ја превземал контролата над авионот и слетал во Бари. Пилотот Пудар потоа успешно го вратил авионот и патниците во Белград. Потоа на 27 јуни 1952 година, група на киднапери го навела капетанот на принудно слетување во Бари. Постојат податоци дека на тој лет бил Иво Андриќ, но и други тогашни академици”, објаснува Круниќ.

Од останатите познати киднапирања е летот Тиват-Белград, за кој не се знае кога точно се случило, но се знае дека е пренасочен кон Анкона. На истата релација во 1957 и 1959 година два авиони се пренасочени кон Бари, Италија.