Skip to main content

Повторно ќе стартува производството на легендарниот велосипед Пони

До доцните 80-ти фабриката за велосипеди Рог произведуваше повеќе од 300.000 велосипеди

 |  инфодеск  | 

Словенечкиот производител на бела техника Горење најави дека ќе почне со производство на велосипеди од марката Рог, така што ќе го откупи правото за брендот од моменталниот сопственик за повеќе од 40.000 евра.

Приватниот сопственик на брендот го откупи, многу порано, од познатата фабрика за велосипеди Рог која во 2009 година заврши во стечај, а тој е спремен да се откаже од интелектуалната сопственост за 41.500 евра.

“Горење има знаење и искуство кое можеме да го употребиме за ревитализација на еден од најпознатите словенечки брендови”, рекол директорот на Горење, Фрањо Бобинац, потврдувајќи дека Горење ќе започне со производство на велосипеди.

Горење во проектот за обнова на сјајот на стариот бренд на словенечки велосипеди, кои беа популарни во некогашна Југославија, влегува заедно со љубљанскиот трговски центар BTC како партнери.

Првите велосипеди на новата генерација на пазарот се очекуваат во 2017 година. Најнапред ќе се работи на модерна верзија на некогашниот велосипед Пони со модерни материјали и со подобрена ергономија, а подоцна на пазарот може да се очекуваат и велосипеди за планинско и градско возење, а во план се и електрични велосипеди.

До доцните 80-ти на минатиот век фабриката за велосипеди Рог произведуваше од 300 до 350 илјади велосипеди годишно, но со распадот на единствениот југословенски пазар и евтиниот увоз од далечниот исток Рог западна во тешкотии и пропадна.