Skip to main content

Турција прогласи вонредна состојба

Реџеп Таип Ердоган синоќа прогласи вонредна состојба во Турција по обидот за воен пуч

 |  инфодеск  | 

Реџеп Таип Ердоган објави дека во Турција се воведува вонредна состојба која ќе трае три месеци. Ова се случува откако минатиот петок дојде до обид за воен удар во оваа држава.

“Советот на министрите одлучи да се воведе вонредна состојба во наредните три месеци”, најави шефот на државата на прес конференција. Според него, тоа е неопходно за да можат “брзо да се исчистат сите елементи на терористичката организација вовлечена во обидот за воен удар”.

Според Ердоган и други земји се можеби вовлечени во овој обид. Но тој не именуваше ниту една земја.

Воениот удар можеби не е завршен, предупреди Ердоган пет дена по овој обид. Можеби, рече тој, има и други планови. Но и за ова тврдење тој не даде детали.

Конечно, турскиот претседател вети дека “никаков компромис нема да биде направен” кога се работи за демократијата и покрај прогласувањето на вонредна состојба.

“Ние никогаш не сме правеле компромиси со демократијата и тоа никогаш нема да го направиме”, изјави Ердоган и додаде дека вонредната состојба не е против демократијата, законите и слободите. Според него, напротив, оваа вонредна состојба ги зајакнува овие вредности.