Skip to main content

Објавени оригинални транскрипти за годишнината од терористичкиот напад на 11 септември

Објавените белешки откриваат драма во авионот на Буш

 |  инфодеск  | 

Со рака напишани белешки во нотес буквално го одразуваат шокот, болката и непоколебливоста која завладеала во американскиот претседателски авион кога се дознало за терористичкиот напад на 11 септември 2001 година.

Белешките ги пишувал Ари Флечер, портпаролот на Белата куќа во мандатот на Џорџ В. Буш, а тој одлучил да ги објави по повод годишнината на најголемиот напад на американско тло по Перл Харбор.

Вкупно има шест страници и се единствен оригинален транскрипт за тоа што зборувале Буш и неговите соработници во авионот.

“Во војна сме”, рекол Буш во телефонската слушалка. Од другата страна бил потпретседателот Дик Чејни. “Кога ќе откриеме кој го направи ова, нема да му се допаднам како претседател. Некој ќе плати”, зборувал Буш.

“Секогаш запишувам белешки. Така ја работам својата работа”, изјавил Флечер за агенцијата Reuters. “Но, на  11 септември тоа беше посебно важно бидејќи морав да запишам што зборува претседателот. Останав во столот цел ден, слушав и запишував”.

Иако некои делови се познати за јавноста, Флечер тие белешки досега не ги објавил во целост.

Од белешките се гледа дека Буш го преплавиле сурови емоции и дека бил нестрплив да се одмазди.

“Не можам да чекам да дознам кој го направи тоа. А кога ќе дознам нема само да го удриме по рака”, рекол тој.

Флечер опишува и тоа дека Буш ја убедувал тајната служба што побрзо да се врати во Вашингтон. Но, тоа не му пошло по рака. Air Force One прво слетал во воздухопловната база Барксдејл во Луизиана, па потоа во базата Офут во Небраска, а дури вечерта слетале во Вашингтон.

“Сакам дома што е можно побрзо. Не сакам тој некој да ме држи вон Вашингтон”, рекол Буш мислејќи на организаторот на нападот.

“Нашите луѓе велат дека не е безбедно”, рекол еден од соработниците, додавајќи дека истото го мисли и Чејни.

Во белешките на Флечер се наоѓа и една реченица која во авионот ја слушнале во комуникацијата со земјата: “Ангелот е следен”.

Бидејќи кодното име за Air Force One тој ден било “Ангел” во авионот помислиле дека се идна мета за напад. Затоа припадниците на тајната служба застанале пред кок-питот во случај напаѓачот да се наоѓал во авионот. Подоцна се испоставило дека се работи за грешка во комуникацијата.

Претседателот Буш, тогаш на должност само осум месеци, имал уште еден приоритет во мислите а тоа било безбедноста на неговото семејство кое било однесено на безбедни локации.

“А Барни?”, рекол Буш, прашувајќи за шкотскиот териер.

“Веќе му е зад петици на Бин Ладен”, му одговорил шефот на обезбедување Ендрју Кард.