Skip to main content

Црна Гора станува новиот Кувајт?

Црна Гора ќе добива од 62 до 68% од вкупниот профит од експлоатацијата

 |  инфодеск  | 

Италијанскиот нафтен гигант Eni, некогашен Agip, и рускиот Novatek се избрани за најдобри понудувачи на тендерот со кој ќе ја истражуваат површината од 1,2 милиони километри во територијалните води на Црна Гора. Тие се обврзале дека ќе направат три обврзувачки и една услужна бушотина. Во рамките на оваа програма во првиот период на истражување има вредност од 85 милиони, а во вториот 12 милиони евра, соопштено е од владата на Црна Гора.

Концесијата е издадена на 30 години, а доколку бидат пронајдени гас и нафта, Eni и  Novatek на Црна Гора ќе бидат обврзани да и даваат од 62 до 68% од вкупниот профит од експлоатацијата.

“Пронаоѓањето на комерцијални резерви на нафта и гас ќе значи основа за нова индустрија во нашата земја која ќе допринесе за зголемување на обемот на извозната база како и на побрз економски раст. Нашиот оптимизам е дотолку пореален што во конципирањето на овој проект имавме правен советник од Норвешка. Користевме модел на оваа многу развиена земја која е најдобар пример на складен однос помеѓу чувањето на животната средина, нафтената индустрија и секторот за поддршка”, изјавил премиерот на Црна Гора Мило Ѓукановиќ.

Јужнојадранското подморје, тврдат експерти, крие респектабилни количини на природен гас, но и нафта.

Од друга страна, еколошките организации од Црна Гора, Хрватска и Италија водат опсежна акција да се забрани истражувањето на нафта и гас во Јадранско Море. Еколозите од тие три држави на денот на потпишувањето на договорот протестираа во Бар. Тие порачаа дека експлоатацијата на нафта во Јадранот е меѓународен проблем и предупредија дека со потпишувањето на договорот Црна Гора потпишала смртна пресуда на морскиот биодиверзитет и на црногорскиот туризам.