Skip to main content

Трамп падна за 35 места на листата најбогати Американци

Бил Гејтс е веќе 23 години на првото место

 |  инфодеск  | 

Трката за претседател на државата го оштети републиканскиот кандидат Доналд Трамп за 800 милиони долари во само една година, пишува часописот Форбс и додава дека трговецот со недвижнини падна за 35 места на листата најбогати Американци.

Неговото богатство сега се проценува на 3,7 милијарди долари во однос на март кога изнесуаше 4,5 милијарди долари.

Трамп моментално е 156-ти на листата од 400 најбогати Американци која ја предводи соосновачот на Микрософт Бил Гејтс чие богатство во само една година се зголеми од 76 на 81 милијарда долари, а Гејтс е на првото место веќе 23 години по ред.

Трамп на кампањата потрошил свои 7 и кредитирал додатни 48 милиони долари, кои тешко дека ќе ги врати назад, пишува Форбс.

Од 27 недвижнини кои ги поседува, 18 од нив изгубиле на вредноста, вклучвајќи го Trump Tower на њујоршката 5-та авенија и луксуниот ресорт на Палм Бич на Флорида.

Оваа година склучил само еден договор на глобалниот пазар за недвижнини – го купил складот во Чарлстон во Јужна Каролина, пишува Форбс.

Детали за богатството на Трамп не се во потполност познати бидејќи тој се противи на старата традиција на американските претседателски кандидати да ја објавуваат својата имотна состојба.