Skip to main content

Земјотрес од 5,6 степени во Романија

Земјотресот бил почувствуван во радиус од неколку стотини километри, но најсилно во Брашов и Крајова

 |  инфодеск  | 

Земјотрес од 5,6 степени по Рихтер ја потресе Романија, објави Европскиот сеизмолошки центар (EMSC-CSEM).

Потресот се случил во 00:20 часот по македонско време во близина на градот Фокшани, област Вранча. Епицентарот е на 142 километри северно од Букурешт и се наоѓа западно од регионот на Вранча во сеизмичката зона на романските Карпати. Длабочината на ударот е околу 100 километри и тоа е причината сеизмичките бранови да се шират на релативно големи растојанија.

Според Европскиот медитерански сеизмолошки центар, потресот е почувствуван во Романија, Бугарија, Молдавија и западниот дел на Турција.

Земјотресот бил почувствуван во радиус од неколку стотини километри, но најсилно во Брашов и Крајова, објавија романските медиуми.

Областа крај Вранча е одамна познат сеизмички центар чии потреси се чувствуваат на широка територија. Последниот голем земјотрес таму беше на 4 март 1977 година со магнитуда од 7,4 степени по Рихтер. Во Романија тогаш загинаа стотици луѓе, а во главниот град Букурешт беа нанесени големи материјални штети.