Skip to main content

Норвешка е првата земја која го укинува ФМ емитувањето

Најголем проблем се радио-приемниците во автомобилите кои во моментов ги има околу 2 милиони

 |  инфодеск  | 

Следната недела Норвешка станува првата земја која почнува да преминува од аналогното ФМ радио на дигитална мрежа, што претставува рискантен и непопуларен потег, кој ќе го следат другите земји за да видат дали ќе го следат норвешкиот пример.

Критичарите велат дека во овој процес се влегува непромислено и дека многу луѓе ќе останат без информации и предупредувања за вонредни ситуации кои досега се емитувале на радио. Посебно се загрижени за сопствениците на два милиони автомобили во Норвешка кои не се опремени со дигитални приемници.

На преоѓањето на дигиталното радио се противат 66% од Норвежаните,  17% се за, а останатите се неопределени спрема неодамнешната анкета на дневникот Dagbladet. Независно од тоа, парламентот минатиот месец даде зелено светло за преминување на дигитална мрежа.

Можноста за преминување на дигитална мрежа ја разгледуваат и Швајцарија, Данска и Британија. Ако во Норвешка помине глатко, тоа би можело да ги поттикне и овие земји да го забрзаат процесот.

Укинувањето на ФМ (фреквентна модулација) мрежата која во Норвешка е воведена во 50-те години на минатиот век, започнува на 11 јануари во северниот град Бодо.

Спрема владиниот план до крајот на 2017 сите станици би требало да преминат на дигиталната мрежа која ќе овозможи подобар и почист прием на сигналот ширум Норвешка која е земја испресечена со фјордови и планини.

“Ние сме прва земја која го укинува ФМ, но и неколку други одат во иста насока”, изјавил Оле Јорген Товмарк челник на Норвешкото дигитално радио. Најголем проблем, вели Томварк, се радио приемниците во автомобилите. Цената на добар дигитален адаптер за автомобил чини околу 1500 круни (165 евра).