Skip to main content

Volkswagen ќе плати 1,2 милијарди долари оштета

Компанијата ќе плати 4 милијарди долари доколку регулаторот не дозволи преправки

 |  инфодеск  | 

Компанијата Volkswagen се согласи да плати најмалку 1,2 милијарди долари за откуп на автомобилите во САД и оштета на сопствениците на околу 80.000 возила опфатени со аферата со издувните гасови на дизел моторите.

Компанијата би била принудена да плати оштета од преку 4 милијарди долари доколку регулаторот не одобри преправки на сите возила, се наведува во судските документи кои се пренесени доцна синоќа.

Volkswagen во декември се согласи да откупи 20.000 автомобили со тролитарски дизел мотори, а се очекува дека ќе направи поправки на уште 60.000.

Аферата изби кога германскиот гигант призна дека во своите автомобили со дизел мотори вградувал илегален софтвер за манипулирање со вредностите за издувни гасови на тестирањата.

Сопствениците кои наместо откуп се одлучат автомобилот да им биде преправен ќе добијат надомест во износ од 7.000 до 16.000 долари од Volkswagen. Во случај на откуп, сопствениците ќе добијат уште 7.500 долари на проценката за вредноста на возилото.

Германскиот производител на автомобилски делови Bosch одвоено се согласил да плати 327,5 милиони долари оштета на сопствениците на возила во САД чии возила го загадуваат воздухот повеќе од она што е дозволено.