Skip to main content

Романската влада го повлекува контроверзниот закон

Гриндеану изјави дека не сака да ја подели Романија

 |  инфодеск  | 

Премиерот на Романија Сорин Гриндеану денеска најави дека неговата влада ќе го укине декретот со кој се декриминализира корупцијата, како одговор на масовните протести кои траат една недела. Тој изјави дека владата утре ќе одржи седница за да го поништи декретот. Гриндеану изјави дека не сака да ја подели Романија.

„Романија не може да се подели на два дела“, рече Сорин Гриндеану.

Ваквата одлука доаѓа откако десетици илјади луѓе во изминативе неколку дена оддржаа протести низ целата земја. Според проценките на полицијата вкупниот број на демонстрати кои вчера излегоа на протести ширум Романија изнесува 250 илјади со што ова се најголемите протести во земјата по оние од 1989 година, кога беше соборен од власт комунистичкиот диктатор Николае Чаушеску.

Според декретот кој стапи на сила кон крајот на јануари, политичарите ќе лежат во затвор само доколку кривичното дело што го сториле, односно корупцијата надмине сума од 47 илјади евра. Владата ја оправдуваше потребата од декриминализација на корупцијата во име на олеснување поради пренатрупаноста на затворите, како и дека претходниот закон за борба против корупцијата не бил во согласност со Уставот на Романија.

Претходно, претседателот на Романија Клаус Јоханис поднесе претставка до Уставниот суд со цел проверка на уставноста на владиниот декрет, затоа што, како што вели, со него се поткопува владеењето на правото и напорите на државата да се избори против корупцијата.