Skip to main content

Каталонија прогласи независност

Жителите на Барселона веќе почнаа со прослава на независноста

 |  инфодеск  | 

Каталонија прогласи независност. Со 72 гласа за и 10 против, регионалниот парламент одлучи да се одвои од Шпанија. Резолуцијата која беше донесена и покрај противењето на дел од партиите, му овозможува на собранието да ги издаде сите неопходни резолуции со цел да се формира република.

Пред гласањето, опозициските партии го напуштија парламентот во знак на протест, по што пратениците кои се залагаат за независност ги покрија нивните празни места со каталонски знамиња.

Премиерот на Шпанија, кој пак присуствува на седницата на сенатот на која е закажано одземање на автономијата на регионот, веднаш откако ја дозна веста им им порача на жителите дека за кусо време ќе се врати законот во Каталонија.

„Барам од жителите на Шпанија да останат смирени. Владеењето на правото ќе ја врати законитоста во Каталонија.“- напиша шпанскиот перемиер на својот профил на Твитер.

Како што информираат медиумите во Шпанија, за денеска попладне се очекува сенатот да го активира членот 155 од уставот а според кој ќе дојде до отстранување на каталонското регионално раководство од должност, ограничување на надлежностите на регионалниот парламент и преземање на контролата над регионалната полицијата и финансиските институции. Утрово, во своето обраќање во парламентот на Шпанија, Рахој порача дека специјалните овластувања кои ги планира Мадрид не значат одземање на слободата на Каталонците, туку нивна заштита. Премиерот на Шпанија најави и дека доколку биде одобрен предлогот, во рок од шест месеци ќе бидат распишани избори во Каталонија.

Жителите на Барселона веќе почнаа со прослава на независноста. Според шпанските медиуми на улиците на градот веќе има дваесетина илјади жители.

Во интервју за Португалската национална телевизија, Претседателот на Европска комисија, Жан Клод Јункер, уште еднаш го повтори ставот дека Европа не планира да се вклучи во решавање на конфликтот помеѓу Барселона и Мадрид и порача дека не сака во иднина, Европската унија да биде составена од од стотици различни земји. Со ист став се јави и официјален берлин од каде денеска одново потврдија дека ќе застанат на страна на Шпанија.