Skip to main content

Центарот за култура нуди богата културна есен

Најнови филмови, театарски претстави, изложби, поетски читања и уште многу културни случувања на охриѓани им нуди Центарот за култура „Григор Прличев“.

 |  Лионела Јаковлева  | 
centar za kultura
centar za kultura
Најнови филмови, театарски претстави, изложби, поетски читања и уште многу културни случувања на охриѓани им нуди Центарот за култура „Григор Прличев“. Од таму велат дека условите во кино салата многу се подобрени, а во тек е и процедурата за препокривање на покривот кој години наназат прокиснуваше.

В петок од 20 часот децата а и сите кои се чувствуваат како деца ќе можат повторно да ја видат претставата Пепелашка. За сите првачиња влезот ќе биде слободен. Сеуште се прикажува и претставата Григор Прличев која минатата недела беше одиграна по шести пат. Директорката на центарот, Драгана Боцевска вели дека многу е задоволна што претставите кои се во продукција на оваа културна установа живеат меѓу охриѓани, а има понуди за нивно гостување и во градовите низ Македонија.

centar za kulturaНе се заборавени ниту љубителите на ликовната уметност ниту пак оние кои уживаат во убавиот пишан збор, кажува Боцевска. На 25 октомври во Центарот за култура ќе биде поставена ликовна изложба, а на 31 октомври ќе има поетска исповед на Есад Бајрам.

Од наредната среда започнува и новата филмска сезона. На големото платно сите љубители на филмот ќе можат да го видат Дете на војната со Лабина Митевска во главната улога. Боцевска вели дека кино салата е комплетно реновирана, а се надева дека оваа зима нема да имаат проблем со нејзиното затоплување. „Министерството за култура од својот буџет издвои пари за таа намена, а доколку има потреба ќе побараме дополнителни средства и од други извори“, објаснува Боцевска. Ресорното министерство даде и еден милион денари за санација на покривот на центарот. Процедурата околу тендерската постапка е при крај па до почетокот на ноември оваа културна институција ќе има нов покрив.