Skip to main content

Македонското собрание ја усвои резолуцијата за името

Македонското собрание ја усвои резолуцијата за решавање на спорот за името која предвидува усвојување на државна стратегија за решение на прашањето.

За резолуцијата синоќа гласаа 93 пратеници, а еден беше против. Во документот како една од главните точки се акцентира сочувувањето на македонскиот национален идентитет. Во изработката на стратегијата е предвидено да се вклучат сите парламентарни партии и експертите.

Претседателот Бранко Црвенковски рече дека е потребна нова стратегија за решавање на прашањето на името, по насилничкото прекршување на времената спогодба од страна на Грција на самитот на НАТО во Букурешт, кога го блокираше приемот на Македонија.

Во однос на двојната формула, Црвенковски рече дека Македонија ја напуштила оваа солуција, со прифаќањето на предлогот Република Македонија (Скопје) пред НАТО самиот.

„Тврдам дека за иднината на Македонија нема сериозна алтернатива на евро и евроатлантските интеграции”, рече претседателот и додаде дека клучното прашање за надминување на спорот е дали ќе добиеме предлог пакет со јасна и недвосмислени формулација, оти народот и јазикот се македонски.

„Јас овој проблем без согласноста на господинот Груевски не може да го решам, тој може”, рече Црвенковски, алудирајќи на двотретинското владеачко мнозинство.

Премиерот Никола Груевски во обраќањето пред Собранието потенцираше дека на Грција во „овој момент не и паѓа на памет да попушти” за прашањето на идентитетот на македонската нација и тоа, според него е главниот проблем.

Попуштање во врска со името на државата во замена за сочувување на идентитетот, според Груевски, исто така не е теза што држи, потсетувајќи дека Грција не попуштила пред многу поголеми притисоци пред самитот на НАТО.

Премиерот повтори дека највисоките приоритетите на Македонија се членството НАТО и ЕУ. Груевски истакна дека владата останува целосно фокусирана на разговорите за изнаоѓање решени на прашањето за името.

zname evropska unijaГруевски го потврди ставот за одржување на референдум за евентуално решение за името, чиј резултат, како што рече „ќе биде наша патоказ”.

Во името на ДУИ, Теута Арифи даде поддршка на резолуција. Арифи рече дека е потребна смелост да се направи компромис за името, предупредувајќи оти не треба да се загрозува иднината на Македонија. Пратеничката од ДУИ истакна дека евроатлантската иднина на Македонија, нема алтернатива.

Ставот на СДСМ го изнесе Цветанка Иванова, кој рече дека двојната формула веќе не е опција за надминување на спорот. Таа исто така посочи дека Македонија нема алтернатива за членството во НАТО. СДСМ поддржува референдумско изјаснување за евентуалното решение за името, зад кое би застанеле сите политички фактори во Македонија.

Силвана Бонева од ВМРО-ДПМНЕ потсети на компромисите, кои Македонија веќе ги направила во разговорите со Грција, како што се промената на државното знаме и на Уставот. Бонева ги повика сите политички партии и граѓаните да се обединат во решавањето на ова прашање.

{loadposition content9}