Skip to main content

Шеесет и четири години слободно Скопје

Скопје денеска одбележува 64 години од ослободувањето од фашистичкиот окупатор.

oslobodeno Skopje
ослободено Скопје

Страна 1 од 3

На 13 ноември 1944 година борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада по неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк, и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, со победоносен марш влегоа во градот.
По повод ослободувањето на градот денеска на партизанските гробишта во Бутел ќе биде положено цвеќе пред спoменикот на ослободителите на Град Скопје и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски, како и пред споменикот на ослободителите на градот пред Владата на Република Македонија.

Во рамки на одбележувањето претпладне во Музејот на Град Скопје ќе се одржи детската ликовна манифестација „Го градиме својот град“, а точно напладне ќе биде пуштена во употреба клучката кај хотелот „Континентал“. Вечерта во Националната галерија „Мала станица“ ќе биде отворена меѓународната изложба на фотографии на Фото сојузот на Македонија „ФОТОМЕДИА 2008“ по што во Младинскиот културен центар ќе се одржи концерт на музички бендови под мотото „Ослободи го Скопје“.

Скопскиот градоначалник Трифун Костовски претпладне ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од НОАВМ, а вечерта ќе ја врачи наградата 13 Ноември, која годинава ја добиваат десет физички лица, една установа, еден ученик и двајца студенти.
Од областа на науката добитник е д-р Витомир Митевски  од Филозофскиот факултет за едицијата „Античка филозофија“, а од областа на публицистиката Васил Толевски за „Антологијата на балканскиот афоризам“. Добитници од областа на културата се писателите  Горјан Петревски – за трилогијата „Споменка“, „Спомените на Споменка“ и „Сонот на Споменка“ и Блаже Миневски за романот „Нишан“.

Од областа на образованието награда 13 Ноември ќе добие Средното училиште на Град Скопје „Раде Јовчевски – Корчагин“ за посебен придонес и унапредување на образовниот процес, и новинарот Иван Глигоровски за неговата книга „Народниот учител – гордоста на повоеното македонско школство“.
Од областа на уметноста добитници се балетскиот уметник Горан Божинов и режисерот Никола Анѓеловски, а од здравствената и хуманитарната активност добитник е  Кочо Чакалароски, професор по интерна медицина. Добитник од областа на спортот е Петар Алексовски – Пепо. Од областа на заштитата и унапредувањето на животната средина и природата добитник е Јелена Димитриевиќ,  доцент на Факултетот за туризам – Скопје, за книгата „Животна средина, туризам и одржлив развој“.

Од учениците и студентите, добитници се Александар Димитриев од СУГС „Орце Николов“ од Скопје за книгата „На крилјата од детството“ и за постигнатите резултати на меѓународни, републички и регионални натпревари по математика и физика, Бранко Илиевски, студент на Факултетот за музичка уметност од Скопје и Бојан Костадинов, студент на Електротехника и информациски технологии од Скопје.
Наградените физички лица ќе добијат шест просечни плати и  диплома, правните субјекти плакета и диплома, а учениците и студентите ќе добијат три просечни плати и диплома.
По повод Денот на ослободување на Скопје вечерва во организација на Сојузот на спортови на град Скопје и Маратон Клуб Делта ќе се одржи и ноќна трка. Стартот ќе биде од Камениот мост и ќе се трча по новата велосипедска патека во правец на населбата Аеродром и назад.
Во пресрет на 13 Ноември вчера во Музејот на град Скопје беше отворена изложбата на архитектонски дела  и соопштена и доделена Големата награда на  манифестацијата „Архитектура Скопје 2008“. На изложбата беа изложени десет труда избрани од селекторот на АСК 2008 проф. д-р Мартин Гулески.