Skip to main content

Почнува седмиот Фестивал на европскиот филм „Синедејс“

Францускиот филм „Клас“ на режисерот Лорен Канте, кој годинава на Канскиот фестивал ја освои Златната палма, вечер во 20 часот и 30 минути во киното „Фросина“ ќе го отвори седмото издание на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ (CinEdays 2008).

Cinedays
Синедејс
Францускиот филм „Клас“ на режисерот Лорен Канте, кој годинава на Канскиот фестивал ја освои Златната палма, вечер во 20 часот и 30 минути во киното „Фросина“ ќе го отвори седмото издание на Фестивалот на европскиот филм „Синедејс“ (CinEdays 2008).

Под мотото „Гледајте филм“, Фестивалот ќе трае до 19 декември и ќе прикаже 20 светски филмски премиери од 17 европски земји. Програмата е поделена во три програмски целини – главна програма, програма надвор од конкуренција или гала премиери и регионалната програма „Балкан линк“. Годинава четвртата програма е посветена на холандскиот филм. Во рамките на ревијалната програма ќе бидат претставени долгометражни и краткометражни остварувања од поновата продукција на холандската кинематорграфија.

Во главната, натпреварувачка програма, се 12 филма од 10 земји кои ќе се борат за наградите Златна, Сребрена и Сина ѕвезда.

CinedaysВо главната програма ќе бидат прикажани филмовите „Глад“ (Велика Британија) на режисерот Стив Меквин, кој на Канскиот фестивал ја доби Златната камера за дебитант, а на Европската филмска академија наградата „Дискавери“, „Дом“ (швајцарско-француска, белгиска копродукција) на Урсула Меер, „Сирени“ (Русија), годинашна номинација за Оскар, „Пандорината кутија“ (турско-француска копродукција) во кој музиката е на Влатко Стефановски, „Москва-Белгија“ (Белгија), „Слепа љубов“ (Словачка), „Елдорадо“ (белгиско-француска копродукција), „Летна книга“ (Турција), „Карамазови“ (Чешка), „Апсурдистан“ (Германија) „Исправка“ (Грција) и „Волсберген“ (Холандија).
Годинава жирито го предводи македонскиот режисер Иво Трајков кој живее и работи во Чешка, а членови се продуцентот Денис Мујовиќ од Холандија и режисерот Драган Маринковиќ од Србија.

Во рамките на програмата „Гала“ се вклучени и годинашните филмови кои ќе го отворат и затворат Фестивалот. На затворањето на Фестивалот на 19 декември ќе биде прикажан филмот „Катињ“ на познатиот полски режисер Анджеј Вајда. Во оваа програма е и италијанскиот филм „Божествениот“ на Паоло Сорентино.

Во регионалната програма „Балкан линк“  која, исто така, е натпреварувачка ќе бидат прикажани шест филмови „Шивалки“ (Бугарија), „Мао це Тунг“ (Албанија), „На убавиот син Дунав“ (Србија), „Чувари на ноќта“ (Босна и Херцеговина), „Засекогаш“ (Словенија) и „Зад стаклото“ (Хрватска). Најдобриот во оваа програма ја добива наградата „Златно сонце“.
Во рамки на четвртата програма на Фестивалот, фокусирана на холандската кинематографија, направена е селекција на филмови кои го преставуваат вистинското холандско секојдневие.
Проекциите на филмовите годинава, освен во киното „Фросина“ ќе бидат и во киното „Милениум“. Во „Фросина“ ќе се прикажуваат премиерите на филмовите, а во „Милениум“ репризите.

Фестивалот „Синедејс“ се одржува во организација на Младинскиот културен центар, а со поддршка на Министерството за култура, Град Скопје, Филмскиот фонд и Мисијата на ЕУ во Македонија.

 

 

{loadposition content9}