Skip to main content

До средината на овој месец, децата – социјални случаи ќе ги добијат бесплатните учебници

Конечно денес, до Здружението на издавачи и книжари пристигна официјален допис од Министерството за образование.

 |  Тања Кувенџиска  | 
На пет дена по отпочнувањето на учебната година, Министерството за образование, им даде зелено светло на книжарниците да започнат со реализација на владината одлука за давање бесплатни учебници на децата од социјално загрозени семејства. Имено, дури денес надлежното министерство достави официјален допис до книжарниците,  со кој им се дозволува да ги примаат нарачките од училиштата за бесплатните учебници.

Димитар Саков од книжарниците на „Просветно дело“ во Охрид, објаснува дека основните и средни училишта од денес може да ги доставуваат потврдите кај нив, а книжарниците се подготвени да одговорат во на барањата.

Претставниците на основните и средните училишта покрај нарачката за бесплатни учебници, до книжарниците треба да доставуваат и документ за прием на учебниците, со вкупна цена и количина, со кој  книжарниците ќе ја фактурираат нарачката до Министерството за образование и наука.

Бесплатните учебници се наменети за учениците од семејства  кои примаат социјална помош, а  се обезбедени со средства на Владата на Република Македонија и Министерството за образование и наука.
Се очекува учениците, бесплатните учебници да ги добијат најдоцна до средината на овој месец.