Skip to main content

Полицијата го потврди убиството на новинарот Иво Пуканиќ

Загрепската полиција официјално потврди дека во синоќешната експлозија на бомба подметната во возило во строгиот центар на Загреб загинале сопственикот на неделникот „Национал“ Иво Пуканиќ и неговиот соработник Нико Фрањиќ.

 |  Крсте Голабовски  | 
Ivo Pukanic
Ivo Pukanic
Загрепската полиција официјално потврди дека во синоќешната експлозија на бомба подметната во возило во строгиот центар на Загреб загинале сопственикот на неделникот „Национал“ Иво Пуканиќ и неговиот соработник Нико Фрањиќ.

Шефот на кабинетот на директорот на полицијата Крунослав Боровец изјави дека е утврден идентитетот на загинатите и дека недвосмислено се работи за Пуканиќ и Фрањиќ.
Според Боровец на терен се сите компетентни експерти, а тој најави дека увидот ќе трае и во текот на денешниот ден.

Боровец рече дека Пуканиќ, врз кого е пукано во април годинава, во последно време не пријавувал никакви закани, при што е укината полициската заштита, наместо која повремено е надгледувана куќата во која живеел.
Убиствата ги осудија премиерот Стипе Месиќ, премиерот Иво Санадер, многубројни политичари и претставници на новинарскиот еснаф, повикувајќи на остри мерки против криминалот.

Шефот на државата Месиќ оцени дека со убиствата во центарот на Загреб „тероризмот“ влегол на улиците на главниот град на Хрватска, а дека криминалното подземје се ја соочило правната држава и целиот систем со предизвик каков што Хрватска досега не сретнала.

Ivo Pukanic„Нема да дозволиме Хрватска да стане Бејрут“, изјави премиерот Иво Санадер, кој истакна дека од информациите со кои засега располага полицијата не може да заклучи дали станува збор за мафијашка пресметка или за тероризам.

„Можно е да се работи за „нешто многу поголемо“, истакна хрватскиот премиер.

Месиќ за денеска изутрина најави седница на Советот за национална безбедност во чија работа ќе учествуват и претставниците на парламентарните партии, и порака дека ова е момент кога хрватското општество треба да биде единствено.
Убиството го осуди и Зденко Дука, претседател на Хрватското новинарско здружение и побара полицијата и Владата да тргнат во пресметка со криминалот.

Убиствата на Пуканиќ и на Фрањиќ ги осуди и Комитетот за заштита на новинари, невладина организација со седиште во Њујорк. Комитетот ја повика Владата да направи се што е во нејзина моќ да ги пронајде и да ги казни сторителите.
Убиството на Пуканиќ е прво убиство на новинар по војната во Хрватска во првата половина на 90-тите.

Неодамна се убиени и Ивана Ходак, ќерка на адвокатот Звонимир Ходак кој го брани Владимир Загорец со кој Пуканиќ во последно време, според пишувањата на медиумите, бил во судир, како и бизнисменот Зоран Мрваљ за кого се пишува дека се занимавал со лихварство.