Skip to main content

Европската комисија ќе го објави извештајот за Македонија

Европската комисија денеска ќе го објави извештајот за напредокот на Република Македонија во процесот на евроинтеграција во 2008 година.

zname EU
знаме ЕУ
Според најавите од Брисел, во документот ќе биде нотирано дека Македонија има направено одреден прогрес, особено во економскиот дел, борбата против корупцијата и визната либерализација, но се уште не ги исполнува политичките критериуми. Во извештајот ќе нема препорака за одредување датум за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

Генерално, ЕК ќе констатира прогрес во  економските, судските, полициските реформи, во борбата против корупцијата, имплементацијата на Охридскиот договор и други области, но и сериозни забелешки за исполнувањето на политичките критериуми. Критиките се насочени пред се кон инцидентите на предвремените парламентарни избори, недостигот од конструктивен политички дијалог меѓу главните политички партии и актери, и бојкотот на Собранието од страна на некои опозициски партии. ЕК ќе укаже на потребата да се воспостави подобар и одржлив политички дијалог.

Во однос на судството се констатира добар институционален прогрес, но се препорачува да се работи на поголема независност, ефикасност и на човечкиот капацитет на судовите. Напредок е регистриран и во борбата против корупцијата, со укажување дека таа и натаму е широко распространета и претставува сериозен проблем. Затоа се препорачува подобра координација меѓу МВР, УЈП, обвинителството и сите други надлежни тела за борба против корупцијата.
ЕК позитивно го оценува прогресот на Македонија во исполнувањето на економските критериуми. Земјата има солиден економски раст и подобрена бизнис-клима и е чекор поблиску да стане функционална пазарна економија и во среден рок ќе биде способна да се носи со конкурентскиот притисок во Унијата, ќе биде наведено во извештајот, со забелешка дека главна грижа останува големата невработеност. Критики во економскиот дел ќе има за дебалансот меѓу увозот и извозот.

sediste Evropska komisijaЗа јавната администрација во извештајот се вели дека забележува прогрес, но оти именувањето на повисоки позиции не е базирано врз професионални квалификации. Полициските реформи се оценуваат позитивно, со забелешка дека има политизација на повисоките нивоа. Се бара подобрување на условите во затворите и поефективна истрага околу лошото постапување од страна на полицијата.
Во однос на визниот режим ЕК констатира дека Македонија направила добар прогрес во исполнувањето на условите во оваа сфера, особено со воведувањето на биометриските пасоши. Во зависност од оствареното, ЕК може да предложи укинување на визите во текот на 2009 година.

Околу спорот за името, стои само оценката дека „треба да се избегнуваат акции кои имаат негативно влијание на добрососедските односи и дека треба да се интензивираат напорите да се најде договорено и заеднички прифатливо решение под медијаторството на ОН“.
Натамошниот напредок на земјата кон ЕУ ќе биде можен кога ќе се исполнат Копенхашките критериуми и кога ќе се одговори на клучните приоритети од Пристапното партнерство. Пред се, потребно е земјата да осигура слободни и фер избори и да се подобри дијалогот меѓу главните политички партии и актери за да се дозволи нормално функционирање на институциите и забрзување на темпото на реформите, ќе укаже ЕК во извештајот за Република Македонија.

По објавувањето во Брисел, извештајот на ЕК попладне во Скопје ќе го презентира и евроамбасадорот Ерван Фуере.

{loadposition content9}