Skip to main content

Туризам

Охридската туристичка понуда ќе се продава во Турција

Охрид како привлечна туристичка дестинација со охридската туристичка понуда ќе се продава во Турција. ТВ екипа снимаше репортажа во градов.
 |  Голабовски Крсте  | 
Охридска туристичка понуда

Охрид како привлечна туристичка дестинација наскоро ќе биде прикажан на турската НТВ телевизија, а охридската туристичка понуда ќе се продава во Турција. Викендов неколку члена тамошна екипа сними репортажа во градов.

Гостите од Турција се запознаа со културно – историските знаменитости на Охрид и со вкусните охридски специјалитети, но и со охридската туристичка понуда во целост. Во репортажата ќе бидат опфатени убавините на старото градско јадро со специфичните охридски занаети, копаничарство и охридскиот бисер, а ќе бидат прикажани и убавините на манастирскиот комплекс „Св. Наум“.

Пред екипата од новинари и камермани беше подготвено охридското ѓомлезе, а гостите беа запознаени и со начинот на лов на риба.

Турската екипа беше и во посета на Скопје и Битола,а кај нас беа во организација на македонскиот Конзулат во Истанбул во соработка со Општина Охрид со што во целост беше опфатена охридската туристичка понуда.

Охрид мора да работи на изготвување стратегија што ќе ја детерминира визијата за неговото идно позиционирање на светската туристичка мапа. Да дефинира што е она што ќе понуди на светскиот туристички пазар, нешто што ќе им покаже на потенцијалните туристи што можат да очекуваат пред да се решат да дојдат тука.

Организацијата на ФАМ посети на Република Македонија за странски туроператори и новинари е инструмент кој им овозможува на истите одблиску да ги запознаат природните убавините на Македонија, културното богатство, обичаите, традицијата, фолклорот и дригите туристички потенцијали.

Анимирањето на странските туроператори и новинари, кои ќе направат промоција на Македонија во странство, соодветно во земјите од каде доаѓаат; новинарите преку електронските и печатените медиуми, а странските туроператори преку поставување на Македонија како дестинација во нивните програми, се овозможи зголемување на бројот на странски туристи и со тоа зголемување на приходи по основ на туризам.

Години наназад Македонија и Охрид се продаваат како дел од поголеми туристички тури, со престој на гостите во нашата земја од само неколку дена, а во Охрид од едно до две ноќевања. Се прават напори токму преку ваквите фам тури да се продолжи престојот на потенцијалните туристи во нашиов град.