Расте бројот на социјално загрозени во струшко. Првенствено пандемијата, а дополнително и поскапувањето на цените на храната и на електричната енергија придонесе да порасне бројот на граѓани кои се борат за основна егзистенција. Иако официјално и статистички забележан е раст на платите, зголемувањето на трошоците за живот е поголемо, па излегува дека платите всушност се намалени.
Од Црвениот крст Струга велат, секојдневно добиваат барања за помош во храна, облека и основни намирници. Најпогодени се многудетните семејства и самохраните родители.
„Факт е дека има поскапување и тоа се осеќа и во Црвениот крст. Порастот на цените и поскапувањето, станувањето на поскап животот се рефлектира кај социјалните случаи. Тие се се` почести во Црвениот крст и бараат помош“ – вели Адуриме Даути секретар на Црвен крст Струга.
Серијата поскапувања кои најмногу се должат на кризата во снабдувањето на основните производи поради пандемијата, но сега најмногу поради руско-украинската криза, веќе се чувствува во земјава, како и во регионот, но и глобално. Хуманитарна помош од Црвениот крст добиваат и семејствата од Украина кои поради војната престојуваат во Струга.
„Нивните потреби се задоволени од страна на Црвениот крст, било тоа да е во средства за хигиена, храна, облека. Има случаеви кои немаат потреба и се изјаснуваат дека не се социјални случаи и дека можат да опстојат сами сега за сега“ – додава Даути.
Семејствата кои страдаат од сиромаштија добиваат социјална поддршка и од Центарот за социјални работи. Директорот Мевмед Халили за ТВМ вели дека и во нивната евиденција се бележи пораст на ранливата категорија граѓани кои бараат парична помош.
Новинар Соња Рилковска