Skip to main content

Туризам

Оптимистички најави за туристичката сезона

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот годинава очекува раст на бројот на туристи од 20 до 30%. Светската туристичка организација ја вброи земјава на петто место во светот како дестинација со најголем раст на странски туристи.
 |  инфодеск  | 
Оптимистички најави за туристичката сезона

Туристичкиот сектор очекува зголемување на бројот на странски гости од 20 до 30%. Во година на ковид, Светската туристичка организација известува дека Македонија во 2021г. забележала раст на меѓународни туристички пристигнувања од 139%. Со ова, земјава се најде на петто место во светот, како дестинација со најголем раст на странски туристи. Меѓу земјите со најголем број странски туристи се и Црна Гора, Кипар, Малдивите и Босна и Херцеговина. Очекувањата и оваа година се оптимистички. Целта е 2,5 милиони ноќевања и пораст на странските гости.
Ваквите бројки можат да значат најава за враќање на туризмот на старите патеки. Фокусот и акцентот ќе биде ставен на одржливите форми на туризам, велат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.

„Според статистиката на Светската туристичка организација Македонија е рангирана на петтото место во светот според растот на туристи во 2021 година. За 139% е забележан раст, а поголем број на светски дестинации се подолу во рангираните. Се надевам дека тој тренд ќе продолжи во 2022 година. Со тоа ги докажавме и нашите заложби и како Агенција за промоција на туризмот, но и една голема благодарност до туристичкиот сектор, кој што заеднички работевме кога сите застанаа“ – вели Љупчо Јаневски, директор на АППТ.

Пандемијата стивнува, но руско украинската криза се уште трае. И покрај предизвиците, очекувањата за престојната туристичка сезона засега се оптимистички.

„Се надевам дека и во толку проблематична и сензитивна година ќе имаме повторно раст помеѓу 20 и 30% кога е странскиот пазар во прашање. Ќе ја достигнеме или ќе ја надминеме бројката од 2,5 милиони ноќевања и 400 милиони долари од туризмот во македонската економија. Првите летови на туристите од Холандија веќе се најавени за втората половина од мај. Имаме добиено потврда дека првите летови ќе бидат токму тогаш“ – додава Јаневски.

Покрај холанѓаните, на брегот на Охридското Езеро ќе летуваат туристите од Полска, Турција, Израел, но се очекуваат и голем број туристи од земјите во регионот.

Нвинар Соња Рилковска