Зимски авантуристички парк во Охрид
Снегот на планината Галичица искористен за промоција на зимски авантуристички парк оваа рана пролет. Вљубеници во зимските радости имаа можност да спортуваат и да се забавуваат на планинските падини. Настанот го организира охридскиот, алпинистичкиот клуб Патагонија заедно со волонтерите од Црвен крст и атлетскиот клуб „Охрид трчат“, информира Антонио Додевски, претседател на АК. Појаснува дека станува збор за проект со кој ќе се нуди нова содржина „Мобилен зимски авантуристички парк“. Охридските алпинисти ќе организираат зимски авантури од следната зимска сезона. За таа цел имаат набавено и соодветна опрема за љубителите на снегот. Мобилниот зимски авантуристички парк ќе се изведува не само на планинатa Галичица туку и на други места каде што ќе го има во доволни количина.
„Набавивме опрема од 30 комплети за зимски авантури, дрезги или чевли за снег, опрема која служи за движење во длабок снег, сетови за проучување на снежната покривка, лавински сонди, со кој алпинистите од клубот ќе организираат авантури од забавен и едукативен карактер за различни категории посетители и туристи, помлади и повозрасни“- вели Додевски.
Алпинистите ќе ги подучуваат посетителите како безбедно да се движат и престојуваат на планина. Исто така, ќе се проучува снегот и неговите својства.од искусните алпинсити ќе учат како да ги избегнуваат опасностите од лавини, ќе изработуваат снежни засолништа, ќе учат како да преживеат во снежно невреме, набројува Додевски дел од зимските содржини. Споделува и која е целната група на зимскиот авантуристички парк.
„Наменет е за сите кои имаат интерес. Алпинистичкиот клуб Патагонија ќе организира вакви активности за ученици и за туристи кои ќе пројават интерес. Ќе го нудиме како содржина во планинската куќа Спиридон на Галичица, а и во изградениот планинарски дом во Брежани, општина Дебрца“- кажува Додевски.
Опремата за авантуристичкиот парк е набавена во рамките на проектот „Нови можности за безбеден авантуристички туризам“. Финансиските средства за реализација на проектот се добиени од Европската унија од ИПА програмата за прекугранична соработка со соседна Албанија.