За време на Велигденските, Првомајските и Рамазанските празници хотелските капацитети на охридско-струшкото крајбрежје ќе бидат исполнети околу 50%.
За разлика од годините пред пандемијата кога се бараше место повеќе, поради светската економска криза и инфлацијата, интересот кај гостите е преполовен.
Најбројни ќе бидат туристите од регионот, од земјите во соседството Бугарија, Грција, Црна Гора, Албанија и Србија.
На жалост не можеме да се пофалиме дека исполнетоста ни е на некое ниво како во 2017/2019. Во моментов се бориме да стигнеме некаде до 50% исполнетост на хотелските капацитети во тие периоди – вели Крсте Блажески, претседател на хотелската асоцијација Хотам.
Празничните патувања во криза се луксуз. Според ХОТАМ домашниот буџет не дозволува да се патува при зголемени цени на транспортот, сместувањето и услугите.
Пореметување големо има на цените, самиот транспорт да стигнат до овде тие гости чини повеќе, услугите се малку исто поскапени од минатите години и самата војна допринесува до размислување на туристите дали да отпатуваат на некоја дестинација или да седат дома – вели Блажески.
Засега нема најава за значителен број организирани групи од странство, со летовите на Визер на Охридскиот аеродром се очекува наплив на печалбарите.
Новинар : Соња Рилковска