Skip to main content

Туризам

Се чисти и уредува Вевчани

Општина Вевчани е подготвена да ги пречека туристите за претстојните празници. Се чисти и уредува секој дел од Вевчани. Оваа година, приоритет на општината е реконструкција на улиците и пробивање на земјен пат до земјоделските парцели.
 |  Валентина Неловска  | 
Ввечани

Во пресрет на Велигденските и Првомајските празници во општина Вевчани се прават завршните подготовки за дочек на гостите, информира Спасе Кочовски, градоначалникот на Вевчани. Руралната општина е интересна туристичка дестинација преку целата година, посетеноста постојано е во пораст, но оваа година ќе се дочекаат гостите во расположливите сместувачки капацитети. Засега, нема инвестиции во зголемување на бројот на сместувачки легла. Пандемијата и економската криза си го направија своето за вевчанци да бидат претпазливи и да ги одложат инвестициите во туризмот. Во изминативе денови, општината ја уредуваше околината за посетителите да уживаат во нејзините природни убавини.

Се реализираат сеопфатни акции за чистење на паркот, прочистување на кејот и на Вевчанска река, оплемнување на просторот околу Изворот. Спремни сме да ги дочекаме туристите“ – нагласува Кочовски.

Реконструкцијата на уличките е приоритет на оваа рурална општина за оваа година, информира градоначалникот Кочовски. Акцент се става на плановите за да бидат асфалтирани улички во должина од околу 2 км. Исто така, се планира во делови од општината каде што има септички јами при асфлатирањето на одделни краци од улиците да се постави и фекална канализација.

Имаме повеќе активности со поставување на асфалт на повеќе улици низ Вевчани. Партерно го уредуваме просторот околу мултикултурниот центар, поставуваме бехатон плочки, пробиваме земјен пат на барање на мештаните. Вевчанци со години имаат потреба и бараат да се пробие и да им се обезбеди пристап до обработливите површини. Сега со преземените активнсоти го решаваме проблемот со пристапот до земјоделските парцели“– вели Кочовски.

Општината е во процес на изготвување на Генерален урбанистички план кој ќе им донесе поголем економски развој на жителите. Во тек е постапка за донесување на генералниот урбанистички план кој треба да се најде на јавна расправа во Советот на општината. Има активности за урбанизација на земјиште каде што ќе се постават фотоволтаични панели. За таа намена се подготвува документација за земјиште на површина од 5 хектари.