Измени во субвенциите за производство на лешници
Кризата силно ги погоди прехранбената и агро индустријата. Ценовните шокови, рестрикциите во извозот поради пандемијата, намалената продажба, најголем удар за малите семејни бизниси.
Локалните производители на органски лешници и намази од струшко, кои до 2019 ги освоија поголемиот дел од европските пазари, денес се соочуват со голема нестабилност. Не можат да обезбедат конкурентна цена за пласман на своите производи.
„Многу е тешко, особено со пандемијата е многу тешко бидејќи пазарот, односно, меѓународната наша продажба, извозот беше загрозен. Се случуваше да се откажуваат нарачките, па потоа да имаме дополнителни, што значи една голема нестабилност“ – вели Бошко Нелкоски, производител на органски лешници од с.Дрслајца, Струга.
За поддршка на земјоделието, велат, потребни се измени при доделувањето на субвенции од страна на државата. Субвенциите треба да бидат развојни и поттикнувачки за проширување на производството.
„Самите субвенции да не се користат како социјален аспект, туку да се користат само за развоен аспект. Ние се соочуваме со еден проблем, имаме околу 10 хектари наши насади и во моментот кога ќе ги надминеме, субвенциите се намалуваат. Значи ние сме казнети од државата што се обидуваме да се зголемиме“ – додава Нелкоски.
Младите земјоделци од струшко последнава деценија се ориентираат кон масовно производство на лешници, бидејки почвата и климата се идеални. Струшките лешници, со помош на европските фондови, денес се сертифицирани и ги исполнуваат највисоките стандарди.
Новинар Соња Рилковска