Skip to main content

Пукање со автоматско оружје

Убиство во Чаир

Едно лице е убиено, а три се повредени откако вчера во угостителски објект на улица „Браќа Реџепагиќ“ во Скопје две лица пукале со автоматско оружје.
 |  инфодеск  | 
полициска лента

Од Јавното обвинителство денеска информираа дека извршиле увид на местото каде синоќа беше убиено едно лице, а три се повредени откако во угостителски објект на улица „Браќа Реџепагиќ“ во населбата Чаир во Скопје две лица пукале со автоматско оружје.

Јавниот обвинител издаде наредби за прибирање и анализа на трагите пронајдени на лице место, како и наредба за обдукција на починатиот. По наредба на јавниот обвинител обезбедени се снимките од видео надзорот на околните објекти. Се работи на утврдување на идентитетот на сторителитe – се наведува во соопштението од Обвинителството.

Случајот бил пријавен во СВР Скопје околу 21:40 часот. Како што информираа од Министерството за внатрешни работи, Ј.И. (47) од Скопје бил пренесен во Комплексот клиники „Мајка Тереза“, каде што околу 22:20 часот починал, додека М.А. (43) и Л.Ш. (42) од Скопје биле пренесени во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“ за укажување на лекарска помош, а во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ со повреди – исекотини на раката бил донесен А.И. (30) од Скопје.

Од МВР информираат дека увид на местото извршиле полициски екипи и се преземаат мерки за пронаоѓање на сторителите и за расчистување на случајот.