Продолжува штрајкот во училиштата
Од денеска штрајкот во детските градинки е ставен во мирување, односно ќе продолжат нормално да работат. Штрајкот продолжува во основното и средното образование.
Советот на Синдикатот за образование како причина за прекин на штрајкот во градинките го наведе интересот на родителите и децата, како и стопанството кое трпи поради неможноста кој да ги згрижи децата од предшколска возраст.
Штрајкот, како што се наведува, ќе продолжи сѐ до изнаоѓање на заедничко прифатливо решение со Владата.
СОНК во знак на незадоволство од резултатите од преговорите одлучи да организира масовен протест пред Владата на 4 мај, изјави претседателот на СОНК Јоаким Неделков. Членството на СОНК не се согласи со владината понуда за покачување на платите од 12 проценти и натаму останува на барањето за покачување од 18,4 проценти.
Неделков апелираше до Министерството за образование да има разбирање за продолжувањето на штрајкот, затоа што огромен број на членови на СОНК тоа го бараат.