Македонско-руски црковни односи и интереси
Врските меѓу Македонската православна црква – Охридска архиепископија со Русија и Руската црква датираат од многу одамна, од времето на солунските браќа Кирил и Методиј, кога тие биле во црковно-просветна и културна мисија кај Хазарите на Кавказ, што е сосема разбирливо, зашто Хазарското Царство се граничело со Киевска Русија, каде што живеел исклучиво словенски народ.
РУСИТЕ ГО ПРИМИЛЕ ХРИСТИЈАНСТВОТО ВО ОХРИД?
Според д-р Петар Поповски, во старите руски летописи на познатиот руски историчар Приселков стои дека „руската кнегиња Олга и нејзиниот внук, кнезот Владимир, биле покрстени во Охрид, првата во 955, а вториот во 987 година“.
Во напис објавен во август 2009 година со наслов: „Русите, православната вера ја примиле од Македонија“, Поповски пишува:
Покрстувањето на Киевска Русија хронолошки се совпаѓа со постоењето на Самуиловото Царство, а Црквата на Самуил, Охридската архиепископија, која во негово време била подигната на степен на патријаршија (999 г.), била најсилна христијанска црква, со најголема диецеза, која имала врски со многу словенски народи.
Инаку, во 2009 година, во Охрид имаше иницијатива за поставување спомен-обележје во чест на руската кнегиња Олга, за која се верува дека во десеттиот век била покрстена во црквата „Света Софија“, каде што бил покрстен и нејзиниот внук, кнезот Владимир. Но, тоа досега не се случи.
Познатиот, сега покоен историчар, истражувач и археолог од Охрид, Гоце Агеличин Жура, во 2017 година ја издаде книгата „Улогата на Самуиловата охридска патријаршија во покрстувањето на Киевска Русија“. Тој, потпирајќи се на исклучителни документи што ги има во руските архиви, а ги напишале светски познати научници и истражувачи, тврди дека кнезот Владимир е покрстен во Охрид.
Од Дебарско-кичевската епархија, пак, за „Вистиномер“ велат дека нема цврсти научни докази за овој чин, токму затоа не е поставено такво спомен-обележје. Оттаму додаваат дека МПЦ со Руската православна црква има коректни односи, но тие претежно се базираат на размена на студенти и посети, ама поддршка од Руската црква во пракса нема.
Русија никогаш немала особен интерес за Македонија. Руската црква сè уште ја нема признаено Македонската црква. Русите се смета дека се покрстени во Цариград и официјално христијанството се смета дека го примиле таму. Византискиот цар Василиј II побарал помош од Русија за борба против узурпаторите. Кнезот Владимир му испратил 6.000 војници. Како награда Василиј II му ја ветил неговата сестра Ана за сопруга, но под услов да го прими Христијанството. Тој го прифатил барањето. Била формирана руска црква на чело со руски митрополит, кој бил потчинет на рускиот патријарх. Самиот кнез се покрстил во 988 г. и наредил сите поданици во државата да се покрстат. Покрстувањето на Киевска Русија му помогнало на кнезот Владимир да го зацврсти единството во државата, вели професор д-р Сашо Цветкоски за „Вистиномер“.
Во декември 2019 година, по повод празникот 8 Декември, Денот на Св. Климент Охридски, порталот „Факултети.мк“ објави дел од раскажувањата на академик Ѓорѓи Поп Атанасов, кои се однесуваат на животот и делото на св. Климент. Во нив академик Поп-Атанасов посочува дека во времето на свети Климент словенското писмо, писменост и богослужение почнале од Охрид да се шират кон Босна, Хрватска, Бугарија, па дури и накај Русија во времето на царот Самуил, кога Русите се покрстени (988 година).
Од Охрид се испратени епископи, свештеници, ѓакони и е формирана Руската православна црква, чиј прв поглавар бил епископ од Охридската патријаршија во тоа време. Дури им испратиле и градители, оти во Русија не знаеле како се градат цркви, па првата – Десетинската црква во Киев ја граделе македонски мајстори-градители. Испратиле книжевници да им кажат како се пишуваат книги. Требало да се напишат, да се соберат, да се направи подврзје, па кодекс. Сето тоа го правеле наши книжевници. Една Русинка дури вели дека првите ракописи ги пишувале македонски книжевници. Русите гледале како се работи тоа, па учеле од нив. Еден Русин дури вели дека Охридската архиепископија е столб на православна Русија – раскажува академик Поп-Атанасов, теолог, изучувач на старословенската книжевност и на старите ракописи.
РУСКИОТ СЛАВИСТ ГРИГОРОВИЧ ОДНЕЛ ВРЕДНИ РАКОПИСИ ОД ОХРИДСКИТЕ И МАКЕДОНСКИТЕ ЦРКВИ
Академик Ѓорги Поп-Атанасов ја напиша и книгата „Македонското книжевно наследство во Московскиот дел – Ракописната збирка на Виктор Григорович“.
Во книгата тој раскажува за познатиот руски колекционер Виктор Глигорович, кој од македонските цркви однел голем број исклучително вредни старословенски ракописи.
За време на своето патување низ Балканот 1844-1845 год, Григорович успеал да собере неколку стотици словенски и византиски ракописи и делови од ракописни книги, коишто ги однел со себе во Русија.
Ракописната збирка на Григорович содржи старословенски ракописи, во којашто има голем број македонски ракописни книги и одделни фрагменти од словенски ракописи со македонско потекло. Во неа има исклучително важни ракописни кодекси, какви што се Мариинското глаголичко евангелие, Григоровичевиот паримејник (најстар зачуван препис од Кирилометодиевскиот превод на паримејникот), Охридскиот апостол. Глигорович низ македонските цркви шетал со традиционална руска бунда со многу џебови во кои ги криел одземените ракописи и книги.
Во Охрид на Глигорович главна преокупација му била библиотеката на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“. За време на неговиот престој во Охрид водич му бил исклучително интелигентниот охриѓанец Ѓорги Бодлев, кој добро ги познавал старините во Охрид и во неговата околина. При посетата на охридската соборна црква тој му отворил шкаф полн со стари византиски и словенски ракописни книги, во којшто Григорович регистрирл 69 грчки и 23 словенски ракописи. Во еден од грчките ракописи тој открил препис од Теофилактовото Опширно житие на св. Климент Охридски, ги откинал листовите со Климентовото житие и ги однел во Русија. Овој фрагмент (45 листa) сега се наоѓа во московскиот дел од збирката на Григорович (М. 818) и покрај житието на св. Климент содржи, исто така, апокрифен текст за Успение Богородично и житие на св. Никола Мирликиски, пишува академик Горѓи Поп-Атанасов во својата книга.
Повеќето од овие бесценети ракописи денес се наоѓаат во московскиот дел од збирката на Григорович, со исклучок на Охридските глаголички листови, кои се наоѓаат во одескиот дел од неговата збирка и ракописот „Словеса вкратце“, којшто се чува во библиотеката на руската академија на науките во Санкт Петербург.
МАКЕДОНСКАТА ЦРКВА НЕ ДОБИЛА ПОДДРШКА ОД РУСКАТА ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕ ОД ОСМАНЛИСКОТО РОПСТВО
За време на турското ропство, а особено во периодот кон крајот на XVI век, тешката и крајна сиромаштија, која надвиснала на вратите на Охридската архиепископија придонела за повторно обновување на врските со Русија. Тогаш многу од охридските архиепископи и митрополити оделе во европските земји и барале помош и го запознавале светот за состојбата на Балканот. Еден од првите архиепископи, кој бил во посета на Русија е архиепископот Гаврил, кој во 1572 година го посетил рускиот цар Теодор. Така во периодот од 1585 година до 1650, за само65 години десет охридски архиепископи заминале во Русија, а додека во XVIII век заминале само тројца архиепископи.
Во втората половина на XVII век, во Македонија зајакнува руското влијание. Охридските архиепископи и народот полагале надеж во православната Русија, која почнала да се крева како голема сила на меѓународен план. Руските цареви со големите дарувања за црквите и манастирите на Балканскиот Полуостров настојуваа да ги охрабрат православните народи и врзувајќи ги за Русија за да ги дигнат во борба против Турција.
Очекуваната помош од руската армија изостанала, Русија не покажала интерес. Непосредно по тешкиот пораз во Кримската војна не била во состојба да војува на Балканот. А со Парискиот договор од 1856 година била обврзана да го почитува територијалниот интегритет на османлиската држава.
Пред крајот од војната одново било направено радикално свртување на руската позиција спрема Македонија и македонското прашање. Русија се откажала од солуцијата создавање автономна македонска државност и се определила за голема бугарска држава.
РУСКИТЕ НАУЧНИЦИ БИЛЕ ЗАИНТЕРЕСИРАНИ ЗА САМОИЛОВИТЕ ЦРКВИ
Интересот на руските научници е забележителен и во 19 век.
Првиот проучувач на средновековната уметност во Охридско-преспанскиот регион е рускиот археолог и историчар Павел Николаевич Миљуков. Неговите прочувања најмногу се исцрпуваат со откритијата во Самуиловата катедрала „Свети Ахил“, која ги опседнуваше научниците од таа генерација, забележува академик Цветан Грозданов во книгата „Курбиново“.
Во Македонија Маљуков доаѓа двапати – во 1898 г. првиот пат, по кој во 1899 г. во спис. „Весник на Европа” го објавува прилогот – „Од патувањето по Македонија“.
Вториот пат во летото 1900 г. Миљуков повторно е во Македонија, но не остава никакви записи. Тогаш е член на експедицијата на Кондаков, кој и самиот прифаќа дел од ставовите на Миљуков, особено што Миљуков е веќе сметан во Русија како некој што добро го познавал прашањето. Всушност, тој ја игра негативната улога за македонскиот народ, пренесувајќи особено низ Русија свои ставови, но сега како комисиски што давааат дополнителна тежина на лажната слика за Македонија. Ако Григорович ја откри прв Македонија како бугарска земја, Миљуков ќе е првиот потврдувач на оваа теза.Тој го печати и руското издание на Етнографската карта на Македонија од Н. К`нчов ( 900), во која се претставува дека во Македонија живеат Бугари.
САМУИЛОВИТЕ РАКОПИСНИ КНИГИ КАКО ПОДАРОК ОД ОХРИД ПРАТЕНИ ВО РУСИЈА
Во почетокот на 80-тите години на минатиот век, проф. Владимир Мошин, византолог, славист и светски признат специјалист по археографија, по потекло од Русија, доаѓа до едно од најзначајните откритија во македонската и во светската археографија. Успева аргументирано да докаже дека Новгороските (Kупријанови) листови претставуваат остаток од македонски ракописен кодекс испратен од цар Самуил во Русија во времето на нивното покрстување и дека овој македонски ракопис послужил како предлошка за пишување на најстариот руски ракопис – Остромировото евангелие од 1056-1057 година.
Според академик проф. д-р Ѓорги Поп-Атанасов, правејќи опсежна анализа на текстот, палеографските особености, ортографијата, јазикот, надредните знаци, екфонетската нотација и друго, како на Новгороските листови така и на Остромировото евенгелие, академик Мошин дошол до сознание дека протограф на Остромировото евaнгелие е македонски кодекс, чиј остаток се Новгороските, односно Kупријанови листови. Притоа, имајќи предвид и некои историски околности, како и улогата на Самуиловата држава при покрстувањето на Русите, формирањето на руската црква и ширењето на словенската писменост во Kиевска Русија, проф. Мошин со аргументи доаѓа дека Новгороските листови фактички се остаток од македонски евангелски кодекс од ризницата на цар Самуил, кој во времето на покрстувањето на Русите како подарок бил испратен од Охрид во Русија, заедно со други ракописи, потребни за нормално извршување на православното словенско богослужение. Овие свои научни сознанија, проф. Мошин ги изнел во реферат за Новгороските листови како остаток од царското евангелие испратено од Охрид во Русија во 991 година. Според него, цар Самуил тоа царско евангелие за покрстувањето на Русите го испратил пет години по преземањето на власта, кога станал единствен владетел на најголемата ранофеудална државна творба на Балканот.
Според проф. Владимир Мошин, подарокот од царски ракописни книги од Охрид во Kиев ги донел првиот новгороски епископ, Јоаким. Во Kиев во тоа време постоела само мала христијанска општина и црква „Свети Илија“, каде што се развивала каква-таква словенска писменост под влијание на бугарски и македонски мисионери.
Новгороските ливчиња, кои денес се чуваат во Народната библиотека во Санкт Петербург, порано му припаѓале на археологот Ј.K. Kупријанов, па затоа се познати и како Kупријанови листови. Овие листови се пишувани со прекрасно, крупно кирилско писмо, во две колони по 20 реда во секоја. Двата зачувани иницијала „В“ и „Р“ имаат траги од сина, зелена и бела боја и остатоци од злато. Овие тези ги потврдува и охридскиот историчар Гоце Ангеличин Жура.
Во Државниот архив на Македонија се чува оваа обемна студија на академик Мошин од околу 100 машинописни страници, од кои досега се објавени само мали, незначителни делови.
РУСКАТА ЦРКВА НЕ ЈА ПРИЗНАВА МАКЕДОНСКАТА ПРАВОСЛАВНА ЦРКВА
Руската православна црква ги штити интересите на српската и не ја признава Македонската православна црква, велат свештениците.
Пред самиот крај на Втората светска војна, во 1944 г. во селото Врановци бил создаден Иницијативен одбор за организирање на Македонската православна црква. На 4 март 1945 година, во Скопје бил одржан Првиот црковно-народен собор, на кој била донесена резолуција за обновување на Охридската архиепископија, како Македонска православна црква.
Во мај 1962 година во придружба на патријархот Герман, со неколку епископи на СПЦ, во посета на МПЦ дошол патријархот московски Алексиј, придружуван од митрополитот Никодим, епископот Пимен и повеќе високодостоинственици на Руската православна црква. На празникот на свети Кирил и Методиј во црквата на Пресвета Богородица – Каменско во Охрид беше одржана и архиерејска литургија, на која што служел патријархот московски Алексиј, во сослужение со патријархот српски Герман и архиепископот охридски и митрополит македонски Доситеј. Ова било прво сослужување на поглаварот на МПЦ со поглавари на други автокефални цркви.
Светиот синод на МПЦ на 17 јули 1967 година во Охрид го свикува Третиот црковно-народен собор, и на свечената седница во охридската црква на свети Климент Охридски ја прогласува Македонската православна црква за автокефална.
На 12 ноември 2009 година, Македонската православна црква во своето име ја додала додавката „Охридска архиепископија“, како директна наследничка на старата Охридска архиепископија. Покрај додавката, МПЦ-ОА извршила и промена во грбот и знамето, односно наместо приказот на црквата „Св. Богородица – Перивлепта“, била ставена црквата „Св. Софија во Охрид“, како седиште на архиепископите на Охридската архиепископија.
Рускиот патријарх дошол во Охрид на богослужба, но не дал никаква поддршка.
Во случај на автокефалија на Македонската православна црква, поддржувачите на автокефалијата и комунистичките власти во повоената Југославија имаа големи надежи дека Московската патријаршија ќе ја поддржи автокефалноста на Македонската црква и прашањето ќе биде решено. Сепак, Москва никогаш не ја признава македонската автокефалија, пишува Инес А. Мурзаку американски професор по црковна историја.
Руската православна црква, односно лично патријархот московски и на цела Русија, Кирил, го одликувал српскиот патријарх Иринеј со највисокото признание што го доделува РПЦ за заслуги за јакнење на единството на православната црква.
Патријархот Иринеј го прими признанието на 23 мај 2018 година, во Москва, на свечена церемонија. Рускиот патријарх Кирил во говорот потенцирал дека Иринеј има голема заслуга за единството на православието на Балканот, каде што меѓу другите држави кои ги набројал како канонско подрачје на СПЦ ја вброил и Македонија.
МПЦ прогласи автокефалност во 1967 година, но до денес остана непризнаена од сестринските цркви.
ОДНОСИТЕ МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И РУСИЈА ДО СРЕДИНАТА НА 20 ВЕК ГЛАВНО НА НЕОФИЦИЈАЛНО НИВО
Односите помеѓу Македонија и руската држава во периодот од 19 век до половината на 20 век главно се на неофиционално ниво. Тоа се контакти кои задираат преку култура, наука, црква, политика, но најчесто помеѓу индивидуални конекции, вели за „Вистиномер“ историчарот Никола Митровиќ – директор на Државен архив Охрид.
Во периодот меѓу двете светски војни особено е присутна таа конекција на индивидуалност кон Русија како, на пример: Димитрија Чуповски и македонското научно-литературно другарство, потоа Димитар Влахов и Коминтерната со револуционерните политички организации, па дури и Кочо Рацин и идеолошко-политичките манифестации во земјата и импликациите со емигрантите во Русија/СССР, Никола Ј. Вапцаров и др. Како допирна точка во меѓусебните односи е значајна „Граѓанската војна“ во Русија кога беше егзодусот на милиони Руси, кои во тој историски пресврт се најдоа расфрелени низ целиот свет. Дел од нив пронајдоа прибежште во Македонија, каде што беа пречекани со топлина и гостопримливост, вели Митровиќ.
Да споменеме и тоа дека во „Руски документи за Македонија и македонското прашање 1859 – 1918 година“ се опфаќа еден многу значаен период до завршувањето на Првата светска војна.
Темата Македонија, а со тоа и градот Охрид е мошне значајно комплексно прашање, но и прашање од значаен интерес и за македонската и руската историска наука. Самата книга има цел преку објавувањето на книгите да ги покаже ставовите на руската официјална политика спрема Македонија и македонското прашање во втората половина на 19 и почетокот на 20 век. Во самата книга се опфатени и прикажани документи од Централниот историски архив во Москва, каде што има документи што се значајни од македонската црковна просветна дејност. Особено се важни книгите, односно томот на „Документи на Македонското прашање во документите на Коминтерната“ од Владо Попоски и Ленина Жила, во кои се согледуваат огромен број документи и тоа во првиот дел од 1923 до 1925 година, каде што најчесто се споменуваат македонските револуционерни дејци, а поврзано со градот Охрид, е токму револуционерното движење и дејност во Охрид и Охридско и својствено на тоа на дејците Петар Чаулев, Кирил Прличев и др., вели Митровиќ за „Вистиномер“.
Врските меѓу Охрид и Русија како стари словенски центри се континуирани низ вековите, но од Руската православна црква нема некаква забележителна поддршка за Македонската православна црква.
Денес се случува пад на црковните односите, но во полето на просветата се постигнати договори за размена на студенти-теолози и скоро секоја година се случуваат дипломатски средби помеѓу делегации од политичкиот и од црковниот врв на двете земји.
Пишува: Соња Рилковска
Сите коментари и забелешки поврзани со овој и другите написи на Вистиномер, барањата за корекции и појаснувања, како и предлозите за проверка на изјавите на политичарите и ветувањата на политичките партии, можете да ги доставите преку овој формулар