Skip to main content

Заштита на медиумските работници

Светски ден на слободата на медиуми

Одбележан 3-ти мај Светскиот ден на слободата на медиуми. Претседателот на Македонија, Стево Пендаровски, истакна дека во време на океани од дезинформации кои се закана за секоја демократија, освен вистината, првите жртви се и медиумските работници.
 |  инфодеск  | 
Стево Пендаровски

Загрозувањето на работата на медиумските работници е загрозување на медиумската слобода. Заплашувањето, физичките напади, уцени, вознемирувањето на интернет, родово базирано вознемирувачко говорење, дискриминацијата и другите форми на притисок, им оневозможуваат на медиумските работници, слободно да ја работат својата работа, истакна денес на Светскиот ден на слободата на медиуми, шефот на државата Стево Пендаровски.

Тој подвлече дека дека ги поддржува измените на кривичниот законик иницирани од страна на ЗНМ и синдикатот, со кој се предлага нападот врз новинарите и медиумските работници да се третираат како кривични дела, кои ќе се гонат по службена должност со што ќе се озвозможи поголема заштита на новинарите и медиумските работници.

Охрабрува што релевантни извештаи нотираат дека транспарентноста на институциите се унапредува, а се намалува бројот на случаи на закани и напади. Според извештајот на ЗНМ во споредба со 2020, бројот на регистрирани закани и напади врз новинари и медиумски работници е драстично намален. Во 2021 забележани се само 5 напади и закани кон новинари во споредба со 14 во 2020 година. Бројот на активни тужби кон новинари во 2020 бил 20 што покажува дека не чека уште работа за да не дозволиме задушување на медиумските слободи – вели Пендаровски.

Сите државни институции се должни да овозможуваат непречен пристап до сите информации за нивната работа, за да може новинарите квалитетно да ги информираат граѓаните. Безбедносните и правосудните органи навремено и неселективно да дејствуваат во случаите кога се загрозува безбедноста на новинарите, дециден е Пендаровски. Младен Чадиковски, претседателот на ЗНМ, рече дека водилка на новинарите секогаш е јавниот, а не политичкиот интерес.

Дали е тоа можно во денешното економско и политичко опкружување во Македонија? Дали е влошена или подобрена медиумската клима во земјава за да овозможиме пробив на вистинското новинарство? Како да го вратиме достоиството на професијата? Не е доволно да се каже дека денес имаме поголема слобода на говорот од порано. Имаме денес извештај на Репортери без граници, каде имаме скок од 33 места во делот на медиумските слободи. Но, тоа не треба да не залажува, таа слобода е ограничена, во зависноста на медиумите од пари – кажа Чадиковски.

Младен Чадиковски

Пазарот во нашата земја е мал и недоволно атрактивен и не остава простор за равој на независно новинарство, па медиумите често зависат од политички и бизнис центри на моќ, што го намалува квалитетот на медиумските содржини, дециден е Чадиковски.

Тој посочи дека мораме да се спротиставиме на медиумската олигархија, зошто како фела сме обединети во барањето за формирање на независен национален фонд за создавање на медиумски содржини од јавен интерес со приоритет кон новинарите од внатрешноста.

Професионалното новинарство и добрата информација чинат време, труд, размислување, пари. Има огромна потреба од квалитетни содржини и на локално и на регионално ниво. Националниот сервис мора да стане информативен лидер, за да се подигнат стандардите на целата фела додаде Чадиковски.

Да се прифати процесот на саморегулација, професионалците со прст да ги посочат оние што прават проблеми во новинарската фела.