Казнети осум трговци од Струга
Осум трговци од Струга заработија казна за непочитување на одлуката за највисока трговска маржа на прехранбените продукти. Пет трговци не воделе правилна евиденција, а тројца се казнети за нечесно пазарно однесување.
Незадоволни од цените во маркетите граѓаните се жалат во пазарната инспекција.
„Има пријави, преставки од граѓаните, за непочитување на одлуката на Владата по маркетите и по бензиските пумпи. Државен пазарен инспекторат е излезен на терен и има констатирано фактичка состојба“ – вели Шпенди Илјази, раководител на Државен пазарен инспекторат Струга.
И покрај одлуката за највисока трговска маржа на прехранбените продукти: леб, шеќер, сол, брашно, масло, млеко, месо и други производи, стружани се жалат на високите цени во маркетите.
„За нас скапи се. Пензијата мала, а ние двајца дома. Ако ја сметате оваа пензија, јас 10.000 земам, тоа е, не можам ни струја, ни вода да платам“ – вели еден стружанец.
„Скапи се многу, ептен се скапи цените. Не знам до каде ќе оди вака со овие цени“ – вели една стружанка.
Од Државниот пазарен инспекторат во земјава, од март до април, извршени се 315 инспекциски надзори за контрола. Поднесени се 70-тина пријави против трговците. Контролите се согласно Одлуката на Владата за посебни услови во трговијата на одделни производи, со која се замрзнуваат цените. Оваа одлука беше донесена со цел да се елиминираат можностите за раст на цените по други основи.
Новинар Соња Рилковска