Skip to main content

Спорт и поезија

Трка на поезијата во Струга

Струга се подготвува за втората Трка на поезијата. Над 1000 учесници од земјава и странство се пријавени за учество на настанот. Оваа година трката е под мотото „Трчаме – рецитираме“, бидејќи спортистите не само што ќе трчаат, туку и ќе творат поезија на тема „Мојата трка“.
 |  инфодеск  | 
трка на поезијата во Струга

Градот на мостовите се подготвува за втората трка на поезијата. Струга направи спој на поезијата и спортот. Околу 1000 учесници од земјава, но и од соседството, се веќе пријавени за настанот.

Целта на оваа спортско – поетска манифестација е промоција на спортот, но и силна туристичка промоција за привлекување на повеќе гости во градот.

„Целта на овој настан е промоција на физичката активност, пред се`, мотивација за луѓето да почнат да се занимаваат со некаква физичка активност. Исто така, ова е одлична можност, преку спортот, да направиме промоција на Струга како туристички град.“ – вели Мими Стојаноска, од здружението „Спортски мостови“.

Предвидени се, трка од рекреативен карактер во должина од 5 км и од натпреварувачки карактер од 10 км. За анимација на најмладите ќе има и детска трка од 1 километар.

„Рутата е иста како лани, бидејќи се покажа како многу позитивно. Стартот е на чаршискот мост во Струга. Се трча на кејот покрај реката Црн Дрим, по крајбрежјето на Охридското Езеро, во близина на Евро хотел, па по истата патека се враќаме назад. Ќе поминиме и покрај општината и завршуваме на чаршискиот мост“ – додава Стојаноска.

Оваа година трката е под мотото „Трчаме – рецитираме“, бидејќи спортистите, не само што ќе трчаат, туку и ќе творат поезија на тема „Мојата трка“.

„Струга е град на поезијата и во склоп на Трката на поезијата ден претходно имаме поетски конкурс на необјавени творби, кој веќе е во тек. Ден пред трката ќе се објави победник со поетска творба на тема „Мојата трка“. Всушност, трчањето е еден вид поезија, така да, ќе биде трчаме – рецитираме“ – вели Стојаноска.

Три децении во Струга немаше градска трка. Спортските ентузијасти од градот лани ја организираа првата спортска манифестација, која преминува во традиција. Оваа година трката ќе се одржи на 22-ри мај.

Новинар Соња Рилковска