Свечено одбележан Денот на македонскиот јазик
Библиотеката „Григор Прличев“ Охрид со пригодна свеченост го одбележа 5-ти мај – Денот на македонскиот јазик. Развојот на денешната азбука, датира уште со појавата на Глаголицата и потоа со нејзината замена со Кирилицата.
До Х век македонскиот јазик користел различни други писма, како грчкото. Но, појавата на Глаголицата, се стандардизирала и писменоста, истакна директорот на библиотеката Милчо Јованоски.
Драго ми е што ја гледаме преполна нашата Прличева одаја, така ја личи. Се надевам дека ќе биде така и во сите наредни години кои доаѓаат заеднички да ги славиме ваквите убави празници, работно. Затоа што овој празник од 2019 година се слави работно, како што ние просветните работници тоа го правиме, меѓу учениците и со учениците – вели Јованоски.
На 5 мај 1945 година, со Решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик. По два месеца, Министерството за просвета го озакони првиот Правопис на македонскиот јазик. Владата на Македонија во 2019 година донесе одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик.
Присутните во аудио форма го слушнаа и сеќавањето на проф. д-р Људмил Спасов на втемелувачот на нашиот македонски јазик, големиот Блаже Конески.
Нашиот великан Блаже Конески, чиишто заслуги за создавањето на Македонската азбука и кодификација на Македонскиот јазик се огромни, во една прилика беше рекол: „Јазикот е нашата најкомплетна татковина“ – кажа Јованоски.
Современата македонска азбука се темели на кириличната азбука на Крсте Петков Мисирков. Некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, а Крсте Петков Мисирков користел знаци за истите тие гласови.
Во ХХ век имало обиди за пишување на македонскиот јазик, со латинична азбука, т.н. македонска абецедарска азбука, која останала на локално ниво, посебно во Егејска Македонија.
По повод Денот на македонскиот јазик членови на Културолошката иницијатива „5 до 12“ од Охрид читаа сопствена поезија и песни од познати македонски автори.
Пејачката група и оркестарот при КУД „Ѓердан од бисери“ од Охрид изведоа перформанс во живо во стилот на „Бушава азбука“ во придружба на народни инструменти. На настанот присуствуваа наставници по македонски јазик од основните и средните училишта во Охрид, како и роднокрајни писатели.