Стоп за питачењето и злоупотребата на децата
Охрид е еден од градовите во државава во кој има најмногу питачи. Во зимскиот период има до 5 питачи, но на лето бројката расте и над 70 лица од кои добар дел се малолетни. Можете да ги сретнете низ чаршијата, кафетериите, рестораните, по плажите, околу маркетите.
Нивното „работно време“ започнува од 11 часот и трае до 2 часот наутро. Питачат и на минус 15 на зима и на 40 степени на лето. Тепани се и малтретирани, а дел од нив од мали стануваат зависни од наркотици. Парите од питачењето завршуваат во џебовите на организаторите кои ги трошат за свои луксузни потреби.
Ова се сознанија од теренските истражувања на НВО „Градиме иднина“ од Скопје која го спроведува проектот „Стоп за питачење и злоупотреба на децата и нивното здравје“.
Да ставиме крај на питачењето и злоупотребата на децата. Апелирам до сите граѓани, до сите жители на Охрид и Струга, да престанеме да ги правиме зависници, престанете да им давате на питачите 2, 5, 10, 50 денари, затоа што овие средства не завршуваат кај децата и питачите туку кај главните организатори, мафијаши и нивните шефови кои ги спремаат и обучуваат како да питачат. Апелирам до полицијата, до локалната самоуправа, Центарот за социјални грижи , барам службената положба да ја вршат посевесно и поодговорно, затоа што тие се сервис на граѓаните и тие се одговорни да го решаваат проблемот – истакна Илија Јовановиќ, претседател на НВО „Градиме иднина“.
2000 деца питачат во државава, меѓу кои има и новороденчиња. Питачењето го организираат криминални групи за кои тоа е вносен бизнис бидејќи од питачење дневно се собира од 3000 до 4000 денари. Станува збор за сериозна злоупотреба на децата, често со знаење и дозвола на родителите.
Доставивме барање до сите институции да се отворат дневни центри низ државава во кои ќе работат стручни тимови од педагози, дефектолози, социјални работници, медицински лица. Ние бараме овој проблем со питачењето институционално да се решава во цела Македонија, да им се помогне на лицата кои питачат, да се заштитат децата, да се стави крај на нивната злоупотреба, а тие кои им го уништуваат детството и животот присилувајќи ги на питачење да бидат кривично гонети и казнети – вели Јовановиќ.
Невладината „Градиме иднина“ ќе бара законски измени за зголемување за казната затвор за организаторите на питачење и до 15 години.
Проектот се спроведува 6 месеци на терен во повеќе градови низ државава. Во Скопје и Струга по спроведени акции во неколку случаи одземено е родителското право, поднесени се неколку кривични пријави и опомени.
Анализите од истражувањата ќе бидат доставени до сите релевантни институции, секторите за внатрешни работи, локалните самоуправи, центрите за социјални работи.