Mагистралата Струга – Ќафасан во лоша состојба
Патот до граничниот премин Ќафасан и оваа сезона ќе остане во лоша состојба. Магистралата, која води кон Албанија со години не е реконструирана. Полна е со дупки, нерамнини и пукнатини, некои големи и длабоки како кратери.
Голема е фрекфенцијата на возила на овој патен правец, а возењето е потполно небезбедно, се жалат возачите.
„Полош пат нема во светот. Најлош пат, срамота е ова. Го расипаја, го поправаа и сега дупки се отвараат срамота е. Идат полнат дупки песок фрлаат, џабе. Срамота за државата”, – вели еден жител на Струга.
„Многу е лош патот, катастрофа. Јас сега одам Германија таму е животот”, – вели помлад стружанец.
Жителите се револтирани од површното санирање на оштетувањата на патот, се жалат секојдневно им се оштетуваат автомобилите.
„Патот за Ќафасан е најлошиот пат што го имам видено во Македонија. Секаде е лошо ама овде е најлошо што може. Плаќаме како што треба за осигурување, за сите давачки и за патишта плаќаме и за се ,но ништо не се враќа. Колите секој ден се прават штети, репарираме, не знам дали ќе биде некогаш овој пат”, – вели друг стружанец
Магистралниот пат Струга-Ќафасан, кој ја поврзува земјава со Албанија е изграден во времето на поранешна Југославија. Локалното население од струшките села во неколку наврати организираше протести и блокади за негова реконструкција.
Од ЈП „Државни патишта” велат за рехабилитација на државниот пат А2, патна делница: Подмоље– Струга – Ќафасан со должина од 19 км обезбедени се 8 милиони евра од ЕБОР. Во тек е избор на тендер.
„За оваа делница, како и за рехабилитација на 5 патни правци, објавен е тендер за набавка на градежни работи. Поделен е на пет лота. Во тек е евалуација на пристигнатите понуди, во согласност со процедурите и правилата за набавки на Европската Банка за Обнова и Развој. По одобрувањето на евалуацијата од страна на ЕБОР ќе следи процес на потпишување на Договор со најповолниот понудувач”, – информираат од ЈП Државни патишта.
Санација на овој магистрален пат од Министерството за транспорт и врски беше најавена во 2018 година, но до ден денес не е реализирана.
Соња Рилковска