Со низа настани одбележан Меѓународниот дена на физичката активност. Ученици од сите општински основни и средни училишта учествуваа во одбележувањето. Градоначалникот ги поздрави присутните и организаторите, потенцирајќи ја неопходноста од секојдневата физичка активност.
Уште од античко време е позната максимата „Во здраво тело, здрав дух“, што ја отсликува посакуваната оптимална здравствена состојба на секој поединец и укажува на неопходноста од секојдневната физичка активност. Токму денес на Меѓународниот ден на физичката активност, Општина Охрид и Сојузот на училишен спорт Охрид, ја организираат оваа манифестација, за да ја поттикнат физичката активност и спортот кај најмладите, но и кај повозрасните – рече градоначалникот Кирил Пецаков.
За почеток присутните ученици се загреваа со аеробик, а ревијални натпревари се одиграа во футсал, баскет, пинг понг, велосипедизам, одбојка, шах. Потоа едрење и кајак во организација на ЕК „Акватика“ и КК „Стрмец“, а дел од учениците од средните училишта планинареа заедно со Жанко Голабоски и шампионот во планинско трчање Дејан Ангелоски.