Денеска нова средба на СОНК со министерствата
СОНК денеска во 13:30 часот ќе одржи средба со претставници на Министерството за труд и социјална политика во рамки на преговарачкиот процес со медијација. Во 16 часот се очекува да биде одржана и средба со Министерството за образование и наука.
Страните преговараат за колективните договори во основно и средно образование. На минатите средби беше разговарано и за формирање на работна група за нов колективен договор за предучилишните установи.
Со Министерството за образование и наука, СОНК се очекува да разговара за процентот за зголемување на платите.
Ние ќе направиме напори денеска да се постигне договор зашто за многу теми од разговорот сме дојдени блиску до решение на проблемот – изјави денеска министерот за образование и наука Јетон Шаќири.
СОНК започна со генерален штрајк на 11-ти април, а потоа истиот беше ставен во мирување.
Претседателот на СОНК Јаким Неделков тогаш соопшти дека штрајкот ќе биде повторно активиран доколку не ги усогласат ставовите со Владата односно со ресорните министерства.