Денес се слави празникот Преполовение – Руса Среда
Меѓу подвижните празници и во црковниот и во народниот календар значајно место има празникот Преполовение, меѓу народот познат како Руса Среда. Празникот се слави на средината меѓу Велигден и Духовден.
Овој празник секогаш е во среда. Затоа освен Руса Среда се вика и Преполовение што значи половина од Педесетницата, односно половина до Духовден. Меѓу нашиот народ празникот Преполовение важи за народен празник и е проследен со многу обичаи и верувања. Се работи за голем Господов празник, кој води потекло уште од Стариот завет.
Имено, важноста на празникот се состои во тоа што на овој ден се празнува Христос како премудрост Божја. За тоа зборува и фактот што големите катедрални хреамови што го носат името Света Софија (на пр. во Охрид, Константинопол и др.) не се посветени на некоја светица со име Софија туку на Премудроста Божја, а тоа е Исус Христос. „Нивната храмова слава била, според разни испитувања, на празникот Преполовение“.
Бидејќи се работи за пролетен празник во народното верување е поврзан со зеленилото. Во Дебарца (Охридско) не се работи и не се јаде зелено.
Драгина Костеска од с. Арбиново ќе рече : „Волој не прега, ќе и болеле вратојте, од јаремот. Зелено не се јаде и не се работи за да не ги боли устата“. И Марко Цепенков запишал дека на Руса Среда не чинело да се јади нешто зелено како спанаќ, коприви и др. „за да не те фати блусница (устоболие).“ На друго место М. Цепенков уште забелешал: „На Руса Среда (Преполовение) нефела да се роди нешто за да не фаќа болценица (устоболие).“
Ефтим Спространов во своите описи на обичаите од Охрид забележал дека во Охрид на „Русʼлна стреда“, не јаделе зелено (зарзават, овоштија и др.). Во Битола ја празнувале жените за да не страдаат при раѓањето. Спространов вели дека „кај нас никаков спомен не е зачуван за русалки или русалии“.
Во Гевгелиско жените не работеле особено оние со мали деца, за да не добијат рани по главите, а и не се чешлале, не се миеле глава и не се стрижеле. Во врска со овој ден К. Шапкарев запишал дека „болните од некоја немоќ, особено од хронична, одат по разни лековити води и се мијат (се посипуваат) за здравје.“
Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека на овој празник се изведувал обичајот „Додоле“ за измолување дожд.
Во еден запис објавен во цариградскиот весник „Новини“ од 1894 година се вели дека во струшкото село Мислешево на Руса-среда (преполовение) носеле крсти низ полето. Односно низ синорот„креват крсти“ како што стои во оваа дописка. Имено тој ден се празнувал како Велигден, се собирале гости од другите села, како што на други места се правеле соборите.
И повеќе свети води се поврзани со празникот Руса Среда. Најчесто се среќаваат под името Света Руса. Како и да е овој ден има големо значење во животот на нашиот човек. Црквата го празнува со црковни служби како црковен празник, а пак народот со свои обичаи и верувања го издигнува на ниво на народен празник.