Skip to main content

Туризам

(ОБНОВЕНО) Пристигнаа холандските туристи

Пристигна првиот лет од Амстердам. Годинава на брегот на Охридското лето се очекува да летуваат 7000 холанѓани. За првпат организирани гости ќе има и од Англија.
 |  инфодеск  | 
Холанѓани

На охридскиот аеродром утрово пристигна првиот лет од Холандија. 155 туристи од Амстердам на седумдневен одмор дојдоа во Охрид.

Холанѓаните се вљубени во Македонија. Некои гледале фотографии од одморот на свои пријатели, други каталози со натписи за нашата земја додека патувале на некоја друга дестинација. Па токму затоа решиле одморот да го минат на брегот на Охридското езеро.

Сакаат да се запознаат со богатото културно и историско наследство, да го видат најголемото езеро во Европа, но и да уживаат во македонската традиционална храна.

Ова ми е втор пат да летувам во Охрид. Најмногу ми се допаѓаат луѓето – вели една гостинка од Холандија.

Многу е убаво овде, ми се допаѓа – вели гостин од Холандија.

Одлучивме ова лето да не одиме во Шпанија ниту Грција, го избравме Охрид. Ни се допаѓа земјата, природата – вели друга гостинка.

Холанѓани

Првиот чартер лет годинава пристигна порано од лани. Намалените рестрикции, смирувањето на пандемијата се причина за оптимистички најави за летната туристичка сезона.

Очекуваме 150 проценти повеќе Холандски гости да го посетат Охрид и Македонија во 2022 година. Во јуни очекуваме 3-4 чартер летови неделно, додека во јули и август 4-5 чартер летови неделно, но и други тур оператори и дестинации да го оперираат Охрид. Зборуваме за Полски за Турски тур оператори. ТУИ УК започнува со нивната операција од 15 јуни и очекуваме неколку илјади туристи од Велика Британија – истакна директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Љупчо Јаневски.

За првпат во историјата годинава организирани туристи ќе има и од Англија. ТУИ Холандија се очекува да донесе околу 7000 гости, додека од Велика Британија околу 2000 гости.

За првпат годинава ќе имаме гости од ТУИ Велика Британија, кои што се најавени да почнат со доаѓање од 16 јули, два пати неделно со авионот на Виз ер каде што имаат закупено 80 седишта. Тоа ќе биде за прв пат во историјата на нашата држава да имаме организирано гости од Велика Британија – вели Челик Асим, тур оператор.

Холанѓани

Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот ќе продолжи со субвенционирање на странските тур оператори за привлекување на што поголем број странски туристи.

Според Јаневски од туризмот годинава се очекува 2,5 милиони ноќевања и над 400 милиони долари директен прилив од секторот во домашната економија со што туристичкиот сектор забрзано закрепнува после ковид пандемијата.

Новинар : Соња Рилковска