Во рамки на годишната програма на НУЦК „Григор Прличев“ Охрид, на 26-ти мај, со почеток во 19 часот во изложбениот салон, ќе биде отворена изложбата на фотографии насловена „Излишно“, на уметницата Наташа Гелева.
„Циклусот од 30 фотографии „Излишно“ се занимава со документација на објекти во распаѓање, јавни објекти кои своевремено служеле на заедницата, а денес сведочат за нашата негрижа и изгубени вредности на солидарност, социјална и економска несигурност, општество кој го става граѓанинот на последно место.
Соочувајќи се со излишноста на овие објекти, истовремено се соочуваме со нашата внатрешна
состојба, која предупредувачки во духот на нихилизмот, бара од нас да се поштедиме од илузиите за овие изгубени идеали. Зошто, многу веројатно би било излишно.
Насловот одразува песимистички поглед на животот во урбана средина, каде што објекти кои се напуштени со години, стојат, се распаѓаат, се претвораат во депонии и јавни нужници. Во една фиктивна, алтернативна реалност би биле реновирани или пренаменети, но секаква надеж за такво нешто би била излишна.
Како противтежнато, а имаме еден куп насилнички изградени нови станбени објекти, на секакви несоодветни локации, без паркинг, без простор за движење на пешаци, правејќи го животот во град се понеподнослив“ – објаснуваат организаторите.
Изложбата е поддржана од Министерство за Култура, а ќе биде отворена за јавност до 1-ви јуни, 2022 година.