Skip to main content

Национални паркови

НП Галичица и пријателите поблиску до вас

Отворен ден „Национален парк Галичица и пријателите поблиску до вас“, со цел промоција на сите туристички вршители на дејност и самиот парк.
 |  Голабовски Крсте  | 
отворен ден НП Галичица

Денес се одржа Отворен ден „Национален парк Галичица и пријателите поблиску до вас“, со цел промоција на сите туристички вршители на дејност и самиот парк.

Нациноналниот парк Галичица, нуди совршена можност за промоција на сите даватели на туристички услуги од регионов.

Галичица експо

Љубовта кон вкусната храна, онаа подзаборавената, за многумина и првпат вкусена и љубовта кон природата секогаш одат заедно. Питулици, ѓомлезе, под сач подзаборавените комад , кошмишпите, преснец , во комбинација со неверојатната убавина на Галичица, се нешто на што ниту еден турист без разлика странски или домашен може да одолее.

„Всушност целото семејство сме така настроени. Од берачи на чај, коприви, печурки, ја чуваме природата, ја сакаме. Особено ја сакаме планината Галичица, во нејзиниот атар живееме. Спојот со храна ни дојде сосема природно. Си садиме тука бавчичка. Имаме стара традиционална камена куќа. Ја реставриравме неодамна. Почнавме со нашите пријатели кои ни се стални гости за секакви забави. Потоа си пречекуваме и официјални гости и да ја вкусат оваа храна.“ – вели Наташа Неданоска од „Пирустија Неданоски – Домаќинска куќа“.

А гостите и туристите, маѓепсани од мотото на Неданоска, „Учиме да сучиме“ , заминуваат од домаќинската куќа и со научена гастрономска вештина. Задоволни дека биле дел од процесот на подготовка на храната. Веќе 15 години со туристите е и Кристијан Темелковски од Fly Ohrid tandem Paragliding. Тој на посетителите на паркот и на туристите воопшто, им нуди прекрасна можност да уживаат во убавините на паркот од единствена перспектива.

„Моето искуство како пилот на параглајдер е 21 година. Супер задоволни сме од соработката со ЈУНП „Галичица“. И понатаму гледаме успешна соработка и организација на нашите активности заеднички. Работиме со агенции од земјава но и странски како ТУИ од Холандија, ТУИ од UK или Туи од Белгија и многу други. Побарувачката за овој вид адреналински спорт е огромна и од нашите и странските гости“ – објаснува Кристијан Темелковски – Fly Ohrid tandem Paragliding.

Отворениот ден е начин преку кој сакаме да дадеме скромен допринос за: промоција на сите туристички вршители на дејност. Потоа за промоција и вкусување на традиционални производи, запознавање со природните и културните вредности на НП Галичица. За запознавање со правилата на однесување во НП Галичица. Дозволените и забранетите активности во различните зони. За интеракција со заинтересираните страни. За забава, за комуникација. За меѓусебно запознавање и дружење, вели Ангела Тасеска ЈУНП „Галичица“.

отворен ден НП Галичица

„Посетителите ќе имаат можност да ги дадат своите идеи и предлози, како до подобро управување заеднички да придонесеме за зачувување и промоција на паркот, Паркот ни припаѓа на сите нас, не само на нашата установа, но и да вкусиме вкусна храна од подзаборавените охридско-преспански рецепти преку меѓусебно запознавање, комуникација и дружење“ – реке Тасеска.

Тасеска посочи дека установата има прекрасна соработка со сите даватели на туристички услуги од регионов. Доказ за тоа се големиот број потпишани спогодби и меморандуми за соработка. Се со цел, промоција на вршителите на туристичка дејност, богатствата кои паркот на сите ни ги нуди и што сите заедно треба да направиме за да го зачуваме.